Стручњаците и педагозите советуваат да се одреди време за учење на одреден предмет и дека е идеално да се издвојат 20-30 минути за учење, по што е потребно да се направи мала пауза од пет до десет минути за да легне наученото градиво

Едно од најчестите прашања што си го поставуваат родителите, како и децата, е како квалитетно да се учи. Иако, за жал, не постои магично стапче со чија помош можеме со леснотија да го научиме материјалот, сепак постојат начини за подобро и побрзо учење.

Место за учење
Локацијата за учење е една од најбитните ставки, а истражувањата покажуваат дека најдобро се учи на исто место. Работната маса најчесто е место за учење, но важно е на масата да нема работи што на детето ќе му го одвлекуваат вниманието, како ТВ, списанија или разни игри. Сепак, некои деца најдобро се чувствуваат додека учат на кревет, а единствено што е битно кај самата локација е да се работи за мирно катче, во кое ќе можат да се концентрираат и да му се посветат на материјалот без пречки.

План за учење
Пред самиот почеток на учењето, важно е да се изработи распоред на активности што го опфаќаат учењето, но и за забава и други обврски. Стручњаците и педагозите советуваат да се одреди време за учење на одреден предмет и дека е идеално да се издвојат 20-30 минути за учење, по што е потребно да се направи мала пауза од пет до десет минути за да легне наученото градиво. По два часа учење, детето треба да направи пауза од половина час. Ако детето учи сконцентрирано и со паузи, два-три часа учење дневно би требало да бидат доволни.

Без учење напамет
Успешното учење и усвојување на материјалот се добива само ако се учи со разбирање. Најдобар начин на кој може да се постигне тоа е детето дома да го повтори она што го учело тој ден на училиште, споредувајќи го материјалот со учебникот и со своите белешки. Еден од триковите е да се означи материјалот со фломастери во боја по важност на материјалот. На пример, најбитното да се подвлече со жолта боја, важното со сина боја, а најмалку важното со зелена. Исто така, хартичиња што се лепат може да послужат како потсетници на одредени работи.

Повторувањето е мајка на знаењето
Колку повеќе детето го повторува она што го научило, толку е поголема веројатноста дека ќе го запамти материјалот подолго време. Исто така може детето да учи заедно со другар од класот, бидејќи со меѓусебното испрашување и појаснување на нејаснотиите ќе се зголеми мотивацијата за учење.


Како да се избере вистинската училишна чанта

Еден од најголемите предизвици на новата учебна година е изборот на училишната чанта, или како да се избере вистинската. На децата, се разбира, најважно им е да биде шарена и со весели мотиви, но родителите се грижат и за тоа да е квалитетна, да може да ја издржи тежината на книгите и на приборот и да не влијае на ’рбетот и грбот на ученикот. Ранците и училишните чанти се најдобар избор, за разлика од торбите на едно рамо, но ако чантата не се носи правилно, може да предизвика болки во грбот, зглобовите и напнатост на мускулите. Погрешното носење на чантата во детството често предизвикува хронични проблеми со ’рбетот и во поодминати години.
Понекогаш чантите се тешки и до 10 килограми, па многу е важно да се избере модел со правилна големина. Торбата би требало на врвот да стои на околу пет сантиметри под висината на рамената и да паѓа до половината или малку над неа. Рачките треба да бидат засилени со перничиња, како и задниот дел на торбата што лежи на грбот. Една од основните работи е дека чантата не смее да биде потешка од десеттина од тежината на детето, на пример ако детето има 33 килограми, чантата не смее да биде потешка од 3,3 кг.
Предвид доаѓа и чанта на тркалца, но не смее да се влече само со една рака, а по скали таа треба да се стави на грб.
Ако детето носи ранец, најчесто средношколците, никогаш не треба да го носи на едното рамо. На тој начин тежината се дистрибуира само на едната страна.