Во 20 век Македонци од Струшко масовно на печалба во Србија

Истражувајќи го минатото на своето родно место Подгорци, Струшко, Стојан Кукунешоски, хроничар на животот во овој крај со перо и со фотоапарат, дошол до интересен податок: во периодот помеѓу двете светски војни, од 1918 до 1941 година, од Подгорци, Струшко, во Белград, Србија, биле вработени голем број угостители: газди на кујни, млекари, но најмногу келнери.

– Во овој период голем број Македонци од селата Вевчани, Лабуништа, Боровец, но најмногу од Подгорци својата шанса за решавање на егзистенцијалните проблеми ја барале во Белград, Србија. Тие се вработувале во многубројни кафеани во српската метропола. Подоцна, некои од нив, кои биле поамбициозни станувале и сопственици на ресторани или шефови на кујни, а најмногубројни биле оние што заработувале како келнери. Верувале или не, од Подгорци имало ни помалку ни повеќе туку 33 келнери – ни раскажа Стојан Кукунешоски.

Интересен е податокот дека речиси сите келнери живееле во некои од убавите вили на Дедиње, а угостителските објекти каде што работеле, освен оние што ги споменавме биле од различен тип: кафеани, млекарници, визби, пивници, барови, бифеа, крчми, меани, работнички кујни. Во некои од овие места, во периодот меѓу двете светски војни, а и по завршувањето на Втората светска војна се собирале и другите Македонци што живееле во Белград, барајќи место каде што ќе позборуваат на мајчиниот јазик и ќе дознаат нешто за своите дома.

– Белградските кафеани работеле според веќе воспоставени стандарди, сите келнери носеле бели кошули, молив на увото и парагон-блокови за наплаќање, а тие што работеле во кујните имале бели мантили или престилки. Масите биле покриени со чисти чаршафи, кои се менувале двапати дневно. Инаку, најпосетени локали биле кафеаните: „Липов лад“, „Три шешири“, „Скадарлија“, „Мажестик“, како и кафеана на Манојле Блажески. Попладне, кога се затворале дуќаните, многу богати белградски семејства тука доаѓале на вечера, а навечер овие семејни ресторани се претворале во боемски кафеани, каде што се собирале уметниците, кои со вино и музика до доцна во ноќта воделе разговори за книжевноста, политиката, уметноста, културата… Тука доаѓале и уметници од странство. Гостите ги забавувале и познати оркестри, понекогаш се прикажувале акробатски и балетски точки, а имало и кабаре со раскошна гардероба. Во некои од кафеаните гостите можеле да седат во летните тераси покрај Дунав и Сава и да уживаат во свежиот воздух – открива Кукунешоски.
Припадниците на белградската средна класа се собирале во таканаречените крчми, каде што се организирале забави и се свирело на прим.

– Посиромашните луѓе и работниците печалбари од нашите краишта во неделите оделе на игранки под ведро небо со врањска блех-музика. Исто така, белградските кафеани каде што работеле келнерите од Подгорци почнале да организираат и пречеци на Нова година, што било новина за тоа време. На овие вечери имало богата програма со лотарии, игранки, шеговити пошти, ревија на убавици и избор на кралица на вечерта. Најпознати пречеци и забави се организирале во Офицерскиот дом и биле наменети само за неговите членови, кои ја претставувале елита на Белград – раскажува Ламбе Кукунешоски, кој подолг период бил келнер во Офицерскиот дом и во офицерската менза.

Денес, потомците на Македонците од Подгорци и од други села во Струшко ја продолжуваат традицијата на своите дедовци и татковци.