И покрај настанатата ситуација со коронавирусот, група музичари од регионот решија да направат нешто несекојдневно. Преку социјалните мрежи и на интернет организираа мини-концерт во два дела, со учество на голема група музичари од просторот на некогашна Југославија, но и од Европа и од САД.
Настанот беше насловен „Од пријател до пријател“ и целта на оваа соработка беше на публиката низ Балканот, но и во светот да ѝ се пренесе позитивна порака преку песна и дружба и да се докаже дека музичарите секогаш и во секакви услови се тука за својата публика.
Иницијативата ја почна вокалистот на групата „Реквием“, Гого (Георги Гавровски), а идејата веднаш беше прифатена од неговиот колега Роберт Пирнер, поранешен член на „Реквием“, кој сега живее во Нови Сад, Србија, каде што ја оформи групата „Експлозив“.

– Песните ги свиревме онлајн, а потоа сите отсвирени мелодии и испеани вокали јас ги ремиксирав и ги синхронизирав. Публиката имаше можност да види симулација на интернет-пренос во акустичен стил. Последните 30 дена сите работевме макотрпно, по шест до осум часа дневно, но многу сум задоволен, бидејќи заедно со многу колеги од регионот направивме нешто што ќе остане како спомен од овој тежок период – вели Гого Гавровски.

Во пресрет на него и на Роберт Пирнер им излегоа голем број колеги од Македонија, но и од Србија, Босна и Херцеговина и од Хрватска, Германија и од САД: Уна Пирнер, Петар Младеновски, Урош Вељковиќ, Жарко Јакимоски, Хари Мили Качаревиќ, Чеда Чворак, Снежана Пушиќ, Марко Османовиќ, Емир Канлиќ, Давид Тодоров, Дарко Тасев, Наско Будимлиќ, Ружица Брчиоска („Ареа“) и др.

– На оваа виртуелна музичка средба публиката од регионот имаше можност да слушне многу познати југословенски и странски хитови. Драго ми е што меѓу песните беа и „Чукни во дрво“ на „Леб и сол“ и „Македонија“ на групата „Тајм“. Се надевам дека по отворањето на границите и крајот на изолацијата ќе направиме еден голем концерт во Скопје, на кој ќе учествуваат сите инволвирани музичари во овој настан – најави Гого Гавровски од групата „Реквием“.