Вистинските новинари, оние што својата професија ја сакаат со сето свое битие, „до коска“ што се вели, ретко дочекуваат да одат во пензија. Тие согоруваат секојдневно и работат вложувајќи се максимално до послендиот здив.

Ете таков беше нашиот колега Трајче Јованов (60), долгодишен новинар во Радио Штип и од првиот ден дел до тимот задолжен за односи со јавноста на фестивалот „Макфест“, чие срце престана да чука утринава.

Веста за неговото змаинување брзо се рашири на социјалните мрежи, а неговите колеги, пријатели, соработници…, со неверица изразуваат сочувство до семејството и ги истакнуваат сите негови добри особини, а нив ги има многу. Тој беше врвен професионалец, пријател и вљубеник во својата професија и не штедејќи се секојдневно со своето перо ги информираше своите сограѓани за се што се случува во Штип.

„Макфест“ беше негова голема љубов, едноставно фестивалот немаше да биде ист без неговиот ангажман. Во 2010 година Трајче беше и негов директор, токму во годината кога „Макфест“ го презема локалната смамоуправа, под чија закрила постои и денес.

– Искрено верувам дека Штип ќе го препознае „Макфест“ како свој белег. Сметам дека овој фестивал е бастион и крвоток на македонската забавна музика. Ние сме фестивал што креира творештво, ние не сме класичен фестивал што само репродуцира – ни изјави тогаш Јованов, кој од самите почетоци чекореше заедно со фестивалот што стана бренд на Штип, но и на Македонија.

А неговите штипјани, во сеќавањата за Трајче ја истакнуваат неговата храброст секогаш да биде на вистинската страна, трудољубивоста, самопрегорот, човечноста…

– Трајче Јованов беше комуникативен, добродушен со големо срце, кое на крајот не издржа. Секогаш ќе ми остане во сеќавање заедничкото дружење, борбата да го сочуваме Радиото. Ни помогна кога ни беше најтешко. Но, не верував дека одеднаш вака ќе те загубам ти беше новинар кој работеше 24 часови дневно. Со тебе заедно растевме во Радио Штип. Ги пребродивме сите проблеми, не напаѓаа политичарите, ни влегуваа судии, полиција, суд, ама никогаш не се предававме. Знам дека тоа се одразуваше на нашето здравје, но, ние си го сакавме радиото. Се сеќавам кога дневно реализиравме по пет радио преноси од различни настани – напиша на социјалните мрежи новинарот Киро Манев, збогувајќи се од колегата.

А Кирил Панајтов, техничкиот директор на „Макфест“ со кого Трајче соработуваше 36 години во подготвките на фестивалот „Макфест“ од пријателот се прости со зборовите: „покрај семејството ти имаше две љубови Радио Штип и „Макфест“ и до крај остана верен и доследен на таа љубов. Горди сме што бевме тим“.

Владимир Дојчиновски уметничкиот директор на „Макфест“ за Трајче напиша: „изгубивме човек, пријател, татко, продфесионалец и што уште не… Да ти е светол патот пријателе“.

И музичарот и повеќегодишен уметнички директор на „Макфест“, Љупчо Мирковски, преку социјалните мрежи се прости од својот соработник, пишувајќи „Трајче Јованов, вљубеник во уметноста, во музиката, во својот Штип, а најмногу во „Макфест“. Патувај во вечноста другарче“.

Писателот Трајче Кацаров исто така се прости од Трајче Јованов сеќавајќи се на нивното пријателство уште од училишните клупи во штипската гиманзија.

– Бев сведок на неговата животна присутност во неколчку наврарти. Во гимназијата седеше во клупата пред мене полни четири години. Заљубени во сценските игри и авангардната музика, комунициравме со помош на средствата што ни ги нудеше уметноста. Кога тргнавме секој по патот на својата тесна специјалност, тој како новинар, јас како „културтрегер“, пак најдовме тангента, неговиот механизам за проценки на културните содржини, испраќаше до јавноста точни и издржани објави. Немавме малку години кога одлучивме да направиме неформална театарска трупа. Сведоци и свесни за потенцијалите со кои располагавме се впуштивме во светот на сценските игри. И изигравме не една. Сите останаа забележани, не само кај нас во нашава „Страдалница“, туку и надвор Требиње, Тузла и Бања Лука. Посебен впечаток, Трајче Јованов, остави на Фестивалот на монодрама во Битола. Неговата изведба доби аплаузи на отворена сцена и овации на крајот. На неколку дена пред кобниот му час, на импровизираната сцена во фоајето на Домот на културата по повод 35. години моја писателкска дејност, одигра фрагмент од претставата „Чекачот“. Ја одигра сцената во ординацијата на лекарот. Седна на столот пред замислениот лекар, запали цигара и како да сакаше да исчекори од текстот и јасно и гласно да ни каже на сите чии очи ни беа вперени во него:„ Тешко можеме да го разбереме животот, уште потешко смртта, затоа да оставиме сѐ на Бога! – напиша Кацарoв во спомен на својот имењак Трајче Јованов.

Сеќавањата ќе останат на сѐ што напаравил Трајче Јованов, живеејќи го животот онака како што тој мислеше дека треба за да остави траги за себе и за сите што го сакаа и почитуваа. М.Т.