Девет американски сојузни држави поднесоа барање до Апелациониот суд во Денвер да дозволи на трансродовата личност Дани Зим во пасошот да се идентификува со небинарен пол, односно со симболот „Х“ наместо со машки или женски.

Државните обвинители во Калифорнија, Колорадо, Мејн, Минесота, Невада, Њу Џерси, Орегон, Вермонт и Вашингтон сметаат дека на Дани Зим не може да му се одбие барањето за издавање пасош, објави агенцијата АП.

Ова трансродово лице се идентификува како небинарен пол, и поднело тужба против државата, но судот во Денвер ги отфрлил жалбите.

Американските сојузни држави кои поднеле барање до судот велат дека дозволуваат небинарни одредници за пол во личните документи и дека тоа не предизвикува никакви компликации.

Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, организација на Обединетите нации која поставува стандарди за меѓународни патни документи, смета дека полот во ваквите документи може да се одбележува како машки, женски и „X“ за неспецифични полови.