Американскиот претседател Доналд Трамп ја изрази својата одбивност кон јужнокорејскиот филм „Паразит“ на режисерот Бонг Џун-хо, на митингот одржан  синоќа во Колорадо. Додека Трамп го исмеваше филмот што годинава освои четири „оскари“, тој се издаде себеси како не знае ништо за „Паразит“, а притоа покажа и ксенофобија и расизам, пренесува „Венити фер“. 

–  Видовте ли колку беа лоши доделувањата на „оскарите“ годинава? Победник е филм од Јужна Кореја?! Што е работата со тоа? И онака имаме доволно трговски проблеми со нив, а згора на тоа тие го освојуваат најдобриот филм на годината? – изјави Трамп пред насобраната толпа во Колорадо. 

Иако тој не го спомена дирекно името на филмот, сепак, ја праша толпата дали филмот бил навистина добар.

 Од студиото кое го издаде „Паразит“, му возвратија дека можеби претседателот Трамп имал потешкотии при читањето на преводот и оти не знае добро да чита. 

Но, Трамп не застана тука. По коментарите за „Паразит“, тој продолжи да го критикува и Бред Пит, добитникот на оскар за најдобар спореден глумец во филмот „Беше еднаш во Холивуд“, велејќи дека актерот никогаш не му се допаѓал.

Ваквата изјава доаѓа по говорот на Пит на „оскарите“, во кое го спомна судењето за импичмент на Трамп.

– Ми рекоа дека имам само 45 секудни, а тоа се 45 секунди повеќе време отколку што Сенатот му дозволи на Џон Болтон – изјави Пит, потсетувајќи ја публиката дека Сенатот гласаше да не се дозволи присуството на сведоци за време на судењето.

„Паразит“ е добитник на четири „оскари“ – за најдобар филм, најдобар странски филм, најдобра режија и за оригинално сценарио. Ова е првпат филм од неанглиско говорно подрачје да освои „оскар“ за најдобар филм, а исто така и првпат еден азиски победник да ја добие престижната награда за најдоброто оригинално сценарио.