Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не е обожавател на Меган Меркл и на нејзината битка со кралското семејство, но би го поддржал нејзиното право за кандидатура на претседателските избори во 2024 година, пренесува „Њузвик“.

Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп беше прашан какво е неговото мислење во врска со потенцијалната претседателска кампања на Маркл, на што тој неколкупати рече дека не е обожавател.

Маркл и принцот Хари отворено беа поддржувачи на Џо Бајден, додека отворено се  спротивставуваа на кампањата на Трамп во 2016 година. За време на интервјуто,  Трамп објасни зошто би ја поддржал нејзината одлука за претседателската трка.

– Се надевам дека тоа ќе се случи, бидејќи доколку се случи, тогаш ќе имам уште посилно чувство во врска со мојата кандидатура – рече Трамп.

Тој имаше пофалби за кралицата Елизабета Втора, додека нагласи дека не е обожавател на Маркл.

– Мислам дека кралицата е неверојатна и влијателна личност, но сепак, јас не сум обожавател на Меган – изјави Трамп.

Минатата година Трамп постојано ја фалеше британската кралица и неговото пријателство со неа.

– Јас сум голем пријател и обожавател на кралицата и на Велика Британија. Беше објавено дека Хари и Меган, кои го напуштија кралското семејство, трајно ќе престојуваат во Канада. Но, сега тие ја напуштија Канада и дојдоа во САД. Ние нема да плаќаме за нивната безбедносна заштита. Тоа мора да го платат тие самите – објави Трамп своевремено на Твитер.

Трамп за време на интервјуто рече дека најверојатно ќе почека до изборите за Конгресот во 2022 година, за да објави дали ќе се кандидира за Белата куќа.