Дваесет и четвртата сезона на „Моден викенд Скопје“ овој пат e во знакот на мултимедијалниот проект „Ноу вејст МК“, со богата тридневна програма, која ќе се реализира од 1 до 3 октомври во Скопје, Битола и во Штип. Дигитални модни презентации на новите колекции на млади и докажани имиња од нашата сцена, уметнички перформанси и изложби и на продукти од светски признаени домашни иноватори, едукативни работилници, тркалезни маси и онлајн дискусии со врвни професионалци од креативната индустрија, како и дегустација на најдоброто од македонската гастрономија, се само дел од она што ќе има можност да го искуси јавноста во првиот викенд од октомври.

– „Моден викенд Скопје“ отвора ново поглавје за животоносна кружна иднина, што ќе ги поврзе најпрогресивните поединци и групи од индустријата. Обединувајќи ги уметноста, науката и бизнис-иницијативите со иновативниот дизајн, технологиите и материјалите што ги елиминираат отпадот и загадувањето, нашата мисија е да оствариме позитивно влијание врз модниот синџир на вредности низ целата земја. Инспирирани од природата за природата – истакнуваат организаторите на настанот.
Настанот е фузија од физички и виртуелни активности, поддржани од Текстилното трговско здружение и македонскиот разгранок на
„Фешн револушн“, кои ќе ги валоризираат вредностите на циркуларната економија како модел за одржлив развој и ревитализација на животната средина на локално и глобално ниво. Идејниот концепт на проектот е и да ги прикаже модата и агрикултурата во заедништво, откривајќи како производството на облека и храна е поврзано и повеќе одошто можеби претпоставуваме, со изработка на експериментална колекција што ќе ги спои двете навидум неспоиви гранки, како и краток документарен филм за сите фази при креативниот процес – од идеја до финален продукт.
– Живееме во земја каде што отсекогаш се негувал посебен однос кон одгледувањето и консумирањето здрава и органска храна од поднебјето. Можеме ли ваквата традиција и дисциплина да ги пресликаме и во нашите современи модни навики? Како организатори на настанот, нашата визија е да ги образоваме новите генерации на оваа тема – велат организаторите.