Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово на 27 мај по триесет и седми пат го организира традиционалното искачување на Титов Врв. Настанот е дел од прославата по повод „Денот на Европа“ организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје. Движењето ќе се одвива по Вакуфска Патека во организирана колона.

– Искачувањето на Титов врв стана препознатлив планинарски бренд во Република Македонија. Со вакви настани, нашата земја гради традиција која трае и нè претставува пред меѓународната јавност. Настанот почнува в сабота со пријавување на друштвата/клубовите и организираните здруженија во сместувачките капацитети на Попова Шапка кај одговорните лица на П.К. „Љуботен“ и координација при сместување на пријавените учесници. Во 19.30 часот е закажан состанок со координаторите на екипите на кои ќе бидат детално објаснети условите за искачувањето и доделување на дипломите за учество. По што следи планинарско дружење и забава. А искачувањето на Титов врв е во недела во 6.30 часот, и почнува пред хотел „Попова Шапка“ кон Титов Врв по „Вакуфска Патека“ – информираат од П.К. „Љуботен“. 

Со цел да се одржи високо ниво на безбедност и организираност, согласно препораките на ФПСМ – Федерацијата на Планинарски Спортови на Македонија за „Организација на големи традиционални планинарски акции“, Планинарскиот клуб „Љуботен“ ги поканува сите друштва/клубови и организирани здруженија да земат учество на овој заеднички планинарски настан.

Титов врв е највисокиот врв на Шара и втор по височина во Македонија. Сместен е на 2.747 метри надморска височина. Врвот е дел од масивот Рудока. Се наоѓа во средишниот дел на планината, во највисокиот нејзин дел, во кој се наоѓаат сите три врва на планината кои што се повисоки од 2.700 мeтри. Вакуфската патека, која тргнува од Попова Шапка и завршува на Титов Врв е долга околу 17 километри, а самото искачување по оваа патека трае 4-5 часа.

Повеќе информации можат да се добијат на следниот линк.