Васко Тодоров ја промовираше првата книга „Монологија“

Васко Тодоров, познат по хумористичното алтер его Тошо Малерот, на неодамнешниот „Саем на книга“, што се одржа под ведро небо, на паркингот на СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ја промовираше својата прва книга „Монологија“ во која се собрани најдобрите монолози на Тошо и е еден вид на „бест оф“ селекција. Книгата е издание на „Арс Ламина“.

Настанот го водеше Татјана Димовска-Атанасова, уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“ која истакна дека „батка“ е модна икона со светкаво сако и тегет чорапа, жесток противник на буржоазијата која носи фармерки „501“, поборник за македонскиот јазик поради што мрази кога некој му вика „изволте“ и човек кој знае дека еден „фраер“ е фатален кога има бели чорапи, љубовен тепих и ѝ ждрига на „рибата во фаца“.

– „Монологија“ дојде сама по себе. Голем дел од тие приказни се стари речиси 30 години и се еден вид на „најдоброто од“. Идејата дојде од млади луѓе кои кога пред околу една година се вратив во Македонија од Австралија, ми рекоа дека сами си ги вадат и читаат монолозите кои ги имам кажано така што решив да ја направам оваа книга. Многу ми е мило што се најдовме со „Арс Ламина“ и „Монологија“ е издание кое може да се чита повеќепати, на пример, со кафе пред работа или па, може и после работа – во свој стил објасни Васко.

Според него добра била идејата да се соберат монолозите во книга, зашто луѓето може да најдат нешто кое при гледањето на скечевите можеби го пропуштиле.

Иако Тошо Малерот е еден вид на карикатура која го пародира градскиот провинцијализам, квази интелектуалците и стереотипите, Васко истакнува дека сепак ова е лик во кој може сите да се препознаеме.

– Овие теми се секојдневни ситуации и можеме сите да се препознаеме во одредени моменти, затоа што овие приказни не се од друга планета. Јас сакам сето тоа да го правам со хумор и сатира затоа што е најприемлив начин сами да си ги видиме аномалиите во однесувањето и доколку можеме да се коригираме. Искрено и јас се препознавам во некои постапки на Тошо – појаснува Васко.

Васко Тодоров моментно е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите.

Серијалот „К-15“ во текот на своето постоење е емитуван на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.

М.Т.