Нашата прва средба се случи на 9 мај минатата година и од тоj ден со Драган сме неразделни, затоа што веднаш и двајцата почувствувавме дека сме сродни души. Се разбира, она што најсилно нѐ спојува е почитта кон Тоше Проески, вели Наташа Кондрашова

Русинката Наташа Кондрашова на 30 ноември годинава стана крушевска снаа. Со венчавањето со Драган Атанасоски и официјализирањето на нивната врска таа се пресели во ова живописно македонско гратче, каде што, како што вели, првпат дошла во 2012 година, за да го посети вечното почивалиште на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески.

– Првпат дознав за судбината на Тоше на 9 јуни 2011 година и оттогаш постојано мислев како да дојдам во Крушево. Во 2012 година го остварив своjот сон, првпат стапнав на македонска почва и почнав да доаѓам секоjа година. Тука запознав многу добри, убави луѓе оти сите што на каков било начин се поврзани со Тоше не можат да бидат лоши. Постепено стекнав многу приjатели во Крушево – ни раскажа Наташа Кондрашова како се вљубила во нашата земја.

Таа работела како главна сметководителка во северна Русиjа, во градовите Воркута и Тикси, а поради тешките услови имала бенефициран стаж, па од 20 jануари ќе биде млада пензионерка, со место на живеење во Крушево.

– Тука ми е мирот, како што велеше Тоше, а освен тоа тука го сретнав и Драган, човекот на мојот живот. Првите контакти ги остваривме на социјалната мрежа Фејсбук и комунициравме околу три години, но немавме можност за да се сретнеме во Крушево оти jас таму секогаш бев многу зафатена и ангажирана, пред сѐ со настани поврзано со Проески. Нашата прва средба во живо се случи на 9 мај минатата година, каj автобуска станица. И од тоj ден ние со Драган станавме неразделни, затоа што веднаш и двајцата почувствувавме дека сме сродни души – ни рече Наташа.

И за Драган нивната прва, случајна средба е нешто најубаво што му се случило во животот.

– Тој 9 мај јас се враќав од работа и нешто како да ми велеше да не одам по вообичаениот пат со возилото туку да тргнам по долниот пат, откај автобуската станица. Тогаш Наташа имаше изнајмено стан до спомен-куќата на Тоше. Се договоривме вечерта да се видиме во пицеријата „Рома“, разговаравме и се случи љубов благодарение на Тоше. И двајцата веруваме дека таа негова позитивна енергија не нѐ спои само нас, туку и многу двојки во неговиот роден град – ни рече Драган Атанасоски.

Тој додаде дека и двајцата со Наташа се многу позитивни, одлично се согласуваат, а ги спојува и љубовта кон готвењето.

– Наташа ми открива познати руски специјалитети што се многу вкусни. Исто така и двајцата ја сакаме убавата природа, а во Крушево и околината ја има во изобилство. Но, се разбира, она што најсилно нѐ спојува е почитта кон Тоше Проески. Јас и лично го познавав, бидејќи ми беше сосед, а Наташа, како негова голема обожавателка постојано ми бара да ѝ раскажувам за него. Нејзина омилена песна од Проески е „Најдрага моја“, а еве таа сега е и моја песна – вели Драган.

Тој 9 години бил професионален војник, а бил дел и од мисијата на НАТО во Авганистан. Сега работи во Крушевското шумско стопанство.

Наташа ни откри и дека Драган ја побарал за жена кај големиот железен крст направен во чест на Тоше, во близината на манастирот „Свето Преображение“.
– Беше многу романтично кога Драган ми подари прстен токму кај крстот. Тој е многу добар, културен, внимателен. Никоj и никогаш во целиот моj живот не се грижел за мене како него – открива Наташа.

Но не ја нашла само таа својата среќа во Крушево благодарение на Тоше Проески.
– Обожавателката Рената Наумовска од Сплит е мажена овде уште пред 7-8 години, како и Дана Донку од Софиjа, Оксана Данаилова од Благоевград, а во jуни ќе пристигне уште една крушевска снаа од Бугариjа. Сите ние што jа најдовме своjата среќа во Крушево преку Тоше се дружиме и постојано меѓусебно комуницираме. Се разбира, сите сме вклучени во активностите поврзани со одбележувањето на важни датуми поврзани со Проески. Ете, на 25 јануари се подготвува голема журка во „Планет“, омиленото кафуле на Тоше, со гостување на диџеј од Благоевград. Тоа ќе биде хуманитарна забава, а ќе има и низа други активности – ни рече Русинката Наташа Кондрашова, која веќе одлично зборува, но и пишува на македонски јазик.

Наташа со обожавателките на Тоше од Крушево каj градоначалникот Томе Христовски