Квентин Тарантино е луд за седмата уметност. Се чини дека има изгледано сѐ што е досега снимено, и не се плаши да го сподели своето мислење за филмовите на своите колеги, но и да понуди листа од најдобрите свои филмови.

Наскоро, односно на 26 јули ќе почне да се прикажува неговиот најнов филм „Си било еднаш во Холивуд“, па промовирајќи го своето ново дело сѐ почесто е актуелен во медиумите. За магазинот „Емпајар“, тој ги прокоментира популарните марвелови суперхеројски филмови.

Признал дека сѐ уште го нема изгледано „Одмаздници: крај на играта“, затоа што не му се изгледани и дел од претходните филмови на Марвел. На прашањето кој е неговиот омилен суперхеројски филм од овој серијал, Тарантино одговорил со „Тор: Рагнарок“, кој е излезен 2017 година. Овој филм е полн со добри забавни дијалози што се специјалност за Тарантино.

Во едно од интервјуата се споменува дека големи се шансите тој да учествува во снимањето во следниот филм од серијалот „Ѕвездени патеки“. Сѐ уште не е потврдено дали ќе биде задолжен за сценариото или ќе го режира целиот филм, но сите опции се уште отворени.