Хип-хоп артистот Тони Зен вчеравечер во МКЦ го промовираше својот шести по ред албум со наслов „Од изворот на изборот“. Пред повеќе стотици гости, најголем дел негови пријатели и препознатливи музички имиња од домашната сцена, Тони Петковски нескриено ја искажа радоста по повод излегувањето на неговиот најнов соло албум.

– Сите осум песни се инспирирани од моите лични искуства изминативе години. Овој албум се слуша со срце. Не случајно е акустичен, мирен и сниман во 432Hz, со цел да се задржи природната фреквенција. Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението – рече Тони Зен.

Албумот е независно издаден со поддршка на СТ Продукција како дистрибуција и изработка на ЦД и обвивка. Сниман е во студиото „Knobs Keys ‘n Stuff“ заедно со Бојан Филиповски „Gloomie“, додека миксот и мастерингот го изработи Мите Димовски во Тралала студио.

Албумот има осум песни. Текстовите ги напиша Тони Зен, а музиката ја создаде заедно со Кирил Бабамов (гитара) и Ратко Даутовски (перкусии). Mузичари кои дадоа свој придонес на албумот се Мартин Јосифовски на бас гитара, саксофон и флејта – Борислав Веселинов, клавијатури – Борче Кузмановски и Бојан Филиповски, Александар Пешевски Сале – усна хармоника и пратечки вокали – Весна Малинова Бабамова и Бојан Филиповски.

Од денеска албумот е во продажба во музичките продавници.