И на 78 години Том Џонс ги полни концертните сали низ светот. Во кариерата, долга шест децении, продал над 100 милиони албуми и заработил околу 180 милиони фунти

Том Џонс во 1960-тите години беше најголема ѕвезда на поп-музиката. Пееше поп, диско, денс и кантри, а експериментираше и со госпел, блуз и со соул-музика. Бев многу мал, ама се сеќавам на неговото име, како и на неговите најголеми хитови „Delilah“ и „The green green grass“. Тоа се две музички нумери, кои извршија големо влијание на мојот музички вкус и на музиката што ќе ја слушам во иднина.
Роден е на 7 јуни, 1940 година во гратчето Понтиприд, близу Кардиф, Велс. Татко му Томас бил рудар, а мајка му Фрида, домаќинка. Иако семејството во кое растел било сиромашно, немал тешко детство до неговата 11-та година кога заболел од туберкулоза и безмалку цела година морал да лежи во постела. Од рани години сакал да пее, бил член на црковниот хор, а на семејните веселби секогаш ги забавувал најблиските. За училиштето не бил заинтересиран, исто како и за спортот, ама музиката ја сакал најмногу од што било друго. Затоа и денес, кога длабоко е навлезен во осмата деценија од животот, гордо изјавува дека кога наутро се буди и станува од кревет, секогаш пее, и додава „музиката е мојот живот“.

Запрашан кога ќе се одмора, одговара дека тоа ќе се случи кога ќе умре. Сексапилниот Том Џонс и на 78 години ги полни концертните сали низ светот. Во кариерата долга шест децении има продадено повеќе од 100 милиони албуми и заработено околу 180 милиони фунти. Спиел со илјадници жени, но бил вљубен само во една – Линда, со која стапил во брак на шеснаесетгодишна возраст, а ги раздели нејзината смрт во 2016 година. Неговите настапи отсекогаш биле набиени со еротика. Обожавателките на неговите концерти му фрлале градници, долна облека и клучеви од хотелските соби, а тој ретко кога им велел „не“. Се зборува дека годишно спиел со повеќе од 250 жени. Во 1960-тите години беше во врска со Мери Вилсон, членка на музичката група „Сјупримс“, во 1970-тите имаше афера со Мерџори Волас, убавица на светот за 1973 година, а на неговиот шарм не одолеа и глумицата Џенифер О’Нил.
Тигарот од Велс, како што го нарекуваа на врвот на неговата популарност, и денес на своите концерти со голема страст ги пее своите познати хитови „Delilah“, „The green green grass“, „Kiss“, „What’s new pussycat“, „Sex bomb“, „It’s not unusual“, „She’s a lady“ и многу други.

Том Џонс и понатаму на концертите носи тесни панталони, раскопчани кошули и чизми со високи потпетици. Од најрани години публиката ја освојуваше со својот моќен глас и харизмата што ја поседува, која не бледнее ниту денес.

Мора да му се оддаде признание што отсекогаш знаел да се приспособува на трендовите и барањата на публиката. Се менуваше и следеше сѐ што е ново на музичката сцена, и затоа секогаш беше актуелен. Во 2010 година, нетипично за него, преработи госпел и блуз-нумери од Боб Дилан, Џон Ли Хукер и Били Џо Сејвер. Во 2012 година, издаде песни од Пол Макартни, Том Вејтс и од блуз-легендата Вили Џонсон, а во 2015 снимаше и издаде нумери од бендовите „Ролингстоунс“ и „Милк Картон Кидс“ и од кантри-легендата Хенк Вилијамс. Во периодот 1969-1971 година имаше телевизиско шоу „Ова е Том Џонс“, кое беше многу популарно и во него гостуваа познати музички светски имиња како: Џони Кеш, неговата сопруга Џун Картер, Џенис Џоплин и многу други.

Во младоста, пред да успее како музичка ѕвезда, Џонс се занимавал со најразлични занимања како доставувач на стока, чистач на теписи, а во викендите за десетина фунти пеел во пабовите во Кардиф и во околните населени места. Амбициите му биле големи, па, така, со сопругата Линда и со синот Марк се преселил во Лондон, каде што го запознал музичкиот продуцент Џо Мик, кој му помогнал да ги направи првите демо-снимки. Но, во дискографските куќи никој не покажал интерес да ги објави. Му зборувале дека звучи премногу арогантно и дека гласот му е јак и рапав. Пеејќи по пабовите се запознал со менаџерот Гордон Милс, кој бил воодушевен од неговиот глас и уште на почетокот од нивната соработка му рекол дека од него ќе направи голема музичка ѕвезда. Милс го промовирал по дискографските куќи како „европски Елвис Присли“, па, така, во јануари 1964 година ја снимил нумерата „It’s not unusual“, која само за една недела станала голем хит, како во Велика Британија така и во САД. Следувале нови успеси – следната година Том Џонс ги снимил насловните нумери за филмовите „Што е ново маченце“ и „Џемс Бонд – операција Гром“, и со нив ја зголемил својата популарност. Во 1965 година на доделувањето на наградите „греми“, прогласен е за најдобар нов изведувач.

Потоа оди во САД каде што го запознава својот идол Елвис Присли, со кого брзо се спријателува и во Лас Вегас ги одржуваат концертните настапи и организираат забави на кои имало многу алкохол, дрога и жени, кои Том Џонс го сметале за неодолив. Во 1980-тите сѐ повеќе се насочува кон кантри-музиката, која му ја зголемува популарноста во САД, а во Велика Британија полека паѓа во заборав. По наговор на неговиот син Марк, кој во меѓувреме му станал менаџер го менува својот стил и ѝ се приближува на младата генерација. Во својот репертоар ги има песните на Роби Вилијамс, групата „Токинг Хедс“ и на Принс. Тогаш ја снима нумерата „Kiss“ од Принс и победоносно се враќа на врвовите на сите светски топ-листи. Преработува песни и од Иги Поп и во 2000 година го објавува албумот „Reload“, на кој му гостуваат: Роби Вилијамс, Ван Морисон, „Стереофоникс“, Натали Имбрулија и други познати музичари.

Од албумот го издава синглот „Sex bomb“, кој станува светски хит број еден и потврдува дека Том Џонс сѐ уште е способен за големи музички остварувања.
Во 2005 година за својот 65-ти роденден одржа голем концерт во родниот Понтиприд, а во 2006 година кралицата Елизабета го прогласи за витез.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди