На Том Хенкс му беа потребни повеќе од 35 години да го сними својот прв вестерн, па кога конечно седна на коњ и влезе во престрелка, тој сакаше да се осигури дека филмот има нешто посебно да каже.
Хенкс, познат по тоа што секогаш игра улоги на добри момци, глуми во „Светски новости“, кој ќе почне да се прикажува во киносалите во САД денеска.
– Нема поента да се направи вестерн само за да можете да облечете удобна облека и шапка. Мора да станува збор за нешто поголемо од самиот жанр – рече Хенкс.
Дејството на филмот се случува по Граѓанската војна во САД, а приказната го следи капетанот Џеферсон Кајли Кид (Хенкс) додека патува низ поделената Америка, читајќи вести во мали градови. Вестерн-драмата е адаптација на истоимениот роман од 2016 година, на авторката Паула Жил. За Хенкс и режисерот Пол Гринграс, ова е филм за моќта на заздравување по несреќни настани.