Британскиот актер Том Харди ѝ се враќа на својата стара улога и ќе чита приказни за деца на каналот СиБибис на Би-би-си. Актерот истата работа ја правеше во 2016 година, која наиде на позитивни реакции од публиката. Харди се појави на детскиот телевизиски канал СиБибис во емисијата „Приказни за добра ноќ“, а на оваа симпатична улога ќе ѝ се врати од 27 април, пренесе Си-ен-ен.
Актерот, кој е најпознат по улогите во „Почеток“, „Пики Блајндерс“ и „Повратник“, се покажа како многу популарен во читањето на приказните за деца за добра ноќ. Благодарение на неговите читања, тој во 2016 година постигна еден милион прегледи на стриминг-сервисот „иПлејер“ на Би-би-си.

Приказните што Харди ќе ги прочита се наменети за деца на возраст од две години нагоре.
– Во ова време на предизвици, нашата цел е да ја забавуваме цела Велика Британија, а со овие нови приказни, тоа е загарантирано токму поради темите за пријателствата на далечина, споделување на проблемите и вистинската храброст во надминување на навидум невозможните предизвици – порачаа од Би-би-си.