Филмофилите деновиве имаа можност да го погледнат трејлерот за филмот „Веном“ на режисерот Рубен Флејшер. Во ова остварување Том Харди го игра Еди Брок, кој подоцна се претвора во стрип-јунакот Веном.
Веном е вонземјанин направен од лигава течна супстанција, која лесно се претвора во домаќинот, а најчесто тоа е обичен човек. Оригинално бил негативец, но со текот на времето станал антихерој како Дедпол. Иако во филмовите се појавил само еднаш, кога не бил добро прикажан, Веном со години го има во стриповите и е еден од главните ликови на Марвел.

Првиот познат домаќин на Веном симбиозата бил Спајдермен, но тој се одделил од него кога сфатил дека тој сака да им наштети на луѓето, а не да ги заштити.
Освен Том Харди, во новиот филм ќе ги видиме и Мајкл Вилијамс, Риз Ахмед, Скот Хејс и Рејд Скот.
„Сони пикчрс“ засега не открива многу, иако публиката е сѐ понестрплива. Филмот ќе почне да се прикажува на 5 октомври годинава.