Американската телевизиска мрежа „Ен-би-си“ се откажа од емитување на церемонијата на доделување на „Златните глобуси“ в година по холивудските реакции за етиката и недостатокот на диверзитет на здружението што ги доделува годишните награди за филм и телевизија.

Членовите на Здружението на странски новинари во Холивуд (ХФПА) исто така се обвинувани за давање сексистички и расистички коментари, и барање услуги од познати личности и студија.

Том Круз се придружи на бунтот на стриминг-платформите и филмските студија, враќајќи ги трите статуетки „златен глобус“ што ги освои за своите улоги во „Џери Мегваер“, „Магнолија“ и „Роден на четврти јули“, објавија „Вараети“ и „Дедлајн-холивуд“.

Одлуката на „Ен-би-си“ уследи дури и откако ХФПА се согласи да регрутира повеќе членови афроамериканци и да направи други промени во своите редови во следните 18 месеци.

„Ен-би-си“ првично го поздрави планот, но подоцна соопшти дека ќе почека да види дали реформите функционираат.

– За промени од ваква големина е потребно време и многу работа. Ние сметаме дека на ХФПА ѝ треба време да го стори тоа правилно. Поради тоа, Ен-би-си нема да ги емитува Златните глобуси во 2022 година – се наведува во соопштението на телевизиската мрежа.

„Под претпоставка дека организацијата ќе го спроведе својот план, се надеваме дека ќе бидеме во позиција да го емитуваме шоуто во јануари 2023 година“, додаде „Ен-би-си“.