По повод Олимписките игри, 16 уметници, дизајнери и архитекти добија задача да редизајнираат 17 јавни тоалети во елегантниот кварт Шибуја во Токио, што резултира со најнеобични тоалети, кои изгледаат како вистински уметнички дела. Чистотата и гостопримството се толку вкоренети во јапонската култура што дури и тоалетите се уметнички дела. Во соработка со локалните власти и фондацијата „Нипон“, проектот „Непријатна потреба“ се претвора во атрактивна интеракција со модерен дизајн.
Единаесет објекти, вклучувајќи ги и оние што се дизајнирани од архитектите Тадао Андо, Масамичи Катајама од Вондервол, Шигеру Бан, Такеносуке Сакакура, Фумихико Маки и Кенго Кума, веќе се отворени, а преостанатите шест треба да бидат завршени до пролет следната година, според фондацијата „Нипон“.
Тоалетите беа дел од напорите за разубавување на Токио пред Летните олимписки игри. Тоалетниот парк во паркот „Набешима Шото“ беше развиен од архитектот Кенго Кума, кој го дизајнира новиот Национален стадион, главната локација на Олимписките игри.
– Тоалетниот парк, отворен во јуни, се состои од пет колиби поврзани со градинарска патека што создава линија за проток, со надеж дека ќе понуди комплетно искуство што ја опфаќа околната средина, како и структурите – изјави Кума.
Иако сите пет единици се покриени со летви поставени под случаен агол, секоја има различен ентериер, фокусиран на различни потреби – вклучувајќи грижа за деца, лична нега и пристапност со инвалидска количка.
– За разлика од конвенционалните јавни тоалети, тие се единствени по тоа што може да ги користат различни луѓе – рече Кума.

Тој го избрал паркот „Набешима Шото“ бидејќи има најмногу бујно зеленило и поради тоа што сакал да ја сруши вообичаената слика за јавните тоалети.
Тадао Андо за тоалетот во паркот „Џингу-Дори“ црпел инспирација од азумаја, традиционален летен павилјон сместен во формалните јапонски градини. Андо својот тоалет го нарекол „Амајадори“, што на јапонски значи „засолниште од дожд“.
Тоалетите на дизајнерот Ниго изгледаат како удобен мал дом, во целосен контраст со високите згради во близината.
– Осмислив тоалет што се чувствува како добар стар дом, кој стои тивко на аголот. Тоалетот за некои ќе изгледа носталгично, а за други нешто ново, во зависност од возраста и генерацијата – рече тој.
Исто така, тука се и тоалетите на архитектот Шигеру Бан, кои се карактеризираат со „проѕирно стакло“, кое ја рефлектира светлината кога вратата од бањата е заклучена.
– Има две работи за кои се грижиме кога влегуваме во јавен тоалет. Првото е чистота, а второто дали има некој внатре – рече Бан.