Во текот на процесот дојдов до сознание дека студентите немаат јасна визија за настаните од втората половина на 20 век. Моравме добро да седнеме, да разговараме, да слушаме музика, да истражуваме разни настани, архиви – од хипи-револуцијата, преку Чернобил, па до технолошката револуција, вели професорката Лидија Георгиева

Технолошко-металуршкиот факултет шеесетгодишнината од своето постоење ја одбележа со традиционална завршна студентска ревија „Декади“, под менторство на професорката Лидија Георгиева.

– Самиот јубилеј всушност ја наметна темата „Декади“, па сите заедно во разговор решивме да ја поделиме ревијата на мини-блокови, од кои секој означува по една декада од минатото, од шеесеттите години досега. Интересно е што студентите од втора година решија да додадат една декада – посветена на блиската иднина. Нивната задача не беше лесна, особено што се почетници и сметам дека одлично си ја сработија задачата – вели професорката Лидија.
Како што ни додава таа, на ревијата продефилираа дизајни што одговараат на интересите на секој студент поединечно.

– Во текот на процесот дојдов до сознание дека студентите немаат јасна визија за настаните од втората половина на 20 век. Моравме добро да седнеме, да разговараме, да слушаме музика, да истражуваме разни настани, архиви – од хипи-револуцијата, преку Чернобил, па до технолошката револуција. Сметам дека е многу важно да градиме мостови меѓу минатото и иднината доколку сакаме да креираме здраво и напредно општество, децата мораат да знаат од каде дошле и што се случувало пред нив, можеби некои грешки ќе се случат повторно, но можеби не. Под мое менторство, на дизајните работеа групи од студенти што се формираа според тоа која декада најмногу ги интересира за интерпретација. Но, сепак, нивното гледање на работите е доста различно од тоа што би очекувале ние, па затоа можеби е интересно да се види како всушност размислуваат тие – објаснува Лидија.

Една од студентките што работеше на ревијата „Декади“ е Магдалена Димковска.
– По повод јубилејот сакавме да направиме нешто различно од минатогодишните ревии, со што преку нашите креации ќе ги прикажеме целата историја и развој на факултетот од далечната 1959 година до денес.

Опфативме шест декади, почнувајќи од 1950-тите. Покрај следењето на историјата и како модата се развивала во сите тие декади, одлучивме да додадеме уште една категорија „Иднина“, за која работев јас во група со уште четворица студенти од втора година. Целта на оваа категорија е да дадеме можност студентот да ја искористи својата фантазија, како ја гледа иднината и да го искаже својот став, што е главна одлика на факултетот како институција – вели Магдалена.

На ревијата работеа студенти од втора до четврта година, како и дипломирани студенти.

– Иднината е апстрактна појава што ја замислуваме, ја чекаме, но во нашата близина станува сегашност. Иднината е само мисла, едноставна но толку комплексна, ова ме мотивираше да направам дизајн со такви одлики, минималистички. Горниот дел од креацијата е во вид на скршени стакла, направени од три милиметри дебела пластика, со техника на резбање, за да добиеме облик што досега се произведувал само со 3Д-принтер, што и беше поттемата на нашата група – објаснува Димковска.