Екипата на филмот

„Медена земја“ завчера ја имаше својата прва затворена проекција на големото платно во „Милениум“, кое беше мало за да ги собере сите емоции што навираа во импресивните кадри

Животот не секогаш е нежен, љубезен, внимателен. Животот знае да пече и боли, но Атиџе пронашла начин како со мед да ја ублажува болката. Хероината од документарецот „Медена земја“ живее во ритам со природата, строго ги почитува нејзините правила, склучила пакт со пчелите и произведува лек – мед од диви пчели. Атиџе е единствената жена на Европа што му долева жар на овој занает. Одржливо ги користи ресурсите, половина зема за себе, половина им остава ним, затоа што тоа е нивни мед, затоа што тие живеат од него, а плус ѝ даваат живот на Атиџе, да заработи шестотини денари од тегла, 1.000 денари за мед со саќе, да овозможи егзистенција за себе и својата мајка.

– Не секој мед е лек – ќе рече Атиџе, која убавината и суштината на животот ги нашла токму во оваа уметност, собирање целосно чист мед од девствената природа, со огромна љубов и почит кон пчелите.

„Медена земја“ завчера ја имаше својата прва затворена проекција на големото платно во „Милениум“, кое беше мало за да ги собере сите емоции што навираа во импресивните кадри. Филмот трае 87 минути, без нарација, со малку текст, скромен дијалог, но многу слики, широки кадри, кои зборуваат силно и моќно, кои се врежуваат во сеќавањата и раѓаат воздишки.

Мајсторијата на снимателите Фејми Даут и Самир Љума продрела длабоко во порите на животот на Атиџе, на животот во напуштеното село Бекирлија, во суровоста и едноставноста на животот. Секој кадар те држи со широко отворени очи и со подзината уста. Кадрите се толку спонтани и реални што ежат и влегуваат под кожа.

Така што наградата за кинематографија што ја добија на престижниот „Санденс“ е само скромен начин да се наградат нивната умешност, пожртвуваност, трпение, мајсторија. Кадрите уверуваат дека Бекирлија е село каде што само срцето не старее и каде што Атиџе и нејзината мајка се последните жителки.

Атиџе со повеќе брчки отколку години, со силни раце, бестрашен карактер, лелеава жолта кошула, зелена цветна шамија, здолниште што ја грее зиме и ја штити од сонцето лете, со опинци што се и за на снег и за прегазување на Брегалница, ја зашемети публиката. Живее во Фтрошна колиба, од каде што од еден прозорец влегува сонце.

Уредена со шпорет, кревет и љубов. Атиџе ја пази мајка си, ја рани, ѝ пее, ја негува, буквално, колку и да звучи сурово, ја одржува во живот. Тишината беше прегласна во „Милениум“, се слушаа само животот на Атиџе и совршено вкомпонираните ноти на „Фолтин“.

– Три години немаш излезено на сонце – ѝ вели на мајка си, но не со сожалувачки тон, туку со бодрење.

Кратка радост и живост во секојдневието на Атиџе внесуваат соседите Хусеин и Љутвие и нивните седум деца, кои од нигде никаде се населуваат до неа, љубезно ѝ го крадат занаетот, ѝ ги убиваат пчелите, единствената надеж на протагонистката на „Медена земја“. Меѓу фасцинантните пејзажи на централна Македонија има уште многу неверојатни сцени, реплики, свиреп живот, реалност од која навираат солзи. Уловени се раѓање на живот, давење во Брегалница, смрт.

– Дури и лубеница каснав – благодарно ќе рече старата 85-годишна мајка, која е уморна од животот.

Фибулата на „Медена земја“ е перфектно склопена. Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и продуцентот Атанас Георгиев не оставиле момент да помислиш на друго дури се одмотува лентата. Од кадар во кадар приказната станува сѐ поинтригантна, сѐ позачудувачка. Во глава ти се врти само прашањето дали ова навистина се случува на стотина километри од нас, сега, денес, утре. Свеќата, сонцето и пчелите се единствената светлина во животот на Атиџе, која во ниту еден момент не се жали од она што го има.

Таа веројатно мисли дека прави мали немаркантни чекори, а всушност прави хиперпотези за човештвото. Атиџе не е свесна ни кај стигнала, ни што постигнала.
Филмот цело време се движи по маргините на беспоштедноста.

„Тоа што го мислиш никогаш не влегува докрај во зборот. Не го собира целото“, рекол Петре М. Андреевски, па така и импресиите од „Ханиленд“ не може да ги собере ниту во текст, а камоли во збор. Нашето филмско платно не видело толку живот, реалност и емоции на куп. Небото веќе не е лимит, „Медена земја“ ги помести границите.
„Медена земја“ е многу повеќе од документарец. „Медена земја“ е епска приказна за медот што живот значи. Учи на суштината на животот, безрезервна почит кон мајката природа, ги подвлекува малите работи, кои живот значат.

– Се радувам на пролетта – е само една од репликите на Атиџе, кои бликаат со скромност.

Филмот доби три награди на фестивалот „Санденс“, и тоа за најдобар документарец, специјална награда за општествени промени и награда за кинематографија на снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

Атанас Георгиев со хероината на филмот Атиџе