Тинејџерот кој го обвини актерот Кевин Спејси дека сексуално го вознемирувал во 2016 година ја повлече тужбата. Ова значи дека момчето не може во иднина да ја повтори постапката против Спејси.

Тој бараше материјална отштета, а го обвинуваше актерот за експлицитно сексуално однесување во ресторанот „Клаб кар“ во Нантакет, Масачусетс.

Спејси од почетокот ги негира обвинувањата. Оскаровецот се изјасни дека не е виновен по ниту една точка од обвинението на сослушувањето што се одржа во јануари.

Наводната жртва на Спејси е син на поранешната телевизиска водителка од Бостон, Хедер Анрах, која лани јавно проговори за овој случај. Таа го обвини Спејси дека најпрво го опијанил нејзиниот 18-годишен син, а потоа почнал да го допира по телото.

Кариерата на Спејси отиде во надолна линија откако неколку момчиња, меѓу кои и негови колеги, го обвинија дека сексуално ги вознемирувал.