Тик ток минатата година беше најсимнувана мобилна апликација на интернет. Ова е првата апликација што се позиционираше меѓу петте најсимнувани во светот, а која не е во сопственост на „Фејсбук“. Во Кина, го зазема првото место по бројот на преземања и го дели тоа место со апликацијата Дујин.
Треба да се напомене дека двете апликации се во сопственост на кинески компании. Тик ток е во сопственост на компанијата „БајтДенс“.
Нејзината популарност продолжи да расте дури и откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да ја забрани. Апликациите во сопственост на „Фејсбук“ од 2018 година се меѓу најсимнуваните и сѐ уште се доминантни. Меѓу петте најсимнувани апликации се Воцап, Инстаграм и Месинџер.
Трамп минатата година издаде декрет со кој се бара да се спречи преземањето на Тик ток во САД. Тој тврдеше дека Тик ток ѝ се заканува на американската национална безбедност со користење на податоците собрани од оваа апликација од страна на кинеската влада. Компанијата ги негираше овие обвинувања.
Ова прашање беше решено со „БајтДенс“, која продаде дел од Тик ток на американскиот технолошки гигант „Орекл“.
Актуелниот американски претседател Џо Бајден го повлече указот на Трамп. Во меѓувреме, компанијата размислуваше како да привлече нови корисници на апликацијата, пишува „Би-би-си“.