Популацијата на тигри кои живеат во дворовите на американските домови е поголема од онаа во дивината, според одредени проценки, пренесува британски „Гардијан“.

Седум илјади големи мачки живеат во заробеништво во САД, додека има 3.890 тигри во дивината низ светот. Повеќето од животните во заробеништво, се чувани во несоодветни услови, а само шест отсто од нив се во зоолошки градини или во установи одобрени од надлежните институции. Преостанатите тигри се сместени во приватни одгледувачници, дворови, дури и во урбаните средини во САД.

Експертот на Светскиот фонд за природа Ли Хенри смета дека ваквата ситуација претставува закана за сета работа спроведена за зачувување на животинскиот вид во Азија.

– Нелегалната трговија претставува главната закана за тигрите во дивината и не сакаме трговијата со органите на тигрите во заробеништво да го помага одржувањето на црниот пазар – порача Хенри.

Животните чувани во заробеништво предизвикаа проблеми за локалното население во САД во повеќе наврати. Осумнаесет тигри и други животни беа застрелани со цел да се заштити населението во Зејнсвил, откако беа пуштени на слобода од сопственикот на приватна менажерија. Во сојузната држава Тексас беше усвоен закон според кој сопствениците треба да ги пријават нивните животни, во 2001 година, по инцидентот во кој момче остана без рака по нападот од тигар.

– Од 1990 година имаше стотици инциденти поврзани со големите мачки во САД. Четири деца и 19 возрасни лица ги загубија животните, а повеќемина претрпеа сериозни повреди. Големите мачки држени во нехумани услови претставуваат закана за општеството, товар за надлежните институции и ги подриваат напорите за зачувување на животинските видови – истакна Деби Лејхи од Друштвото за заштита на животните во САД.

Надлежните институции во САД моментно бараат решение за справување со проблемот со тигрите-миленичиња.