Второто продолжение на филмот „Тивко место“, во режија на Џон Красински, се очекува да предизвика многу врева на киноблагајните на својата премиера, на 20 март, прогнозира веб-страницата „Варајети“.
„Тивко место 2“ е на добар пат да заработи 55 милиони долари за време на премиерниот викенд. Доколку овој хорор-филм успее да го предизвика истиот ентузијазам како и првиот дел, се претпоставува дека овие процени може дури и да пораснат во текот на следните три недели, бидејќи „Парамаунт“ ги засилува маркетиншките напори.

Првиот филм стана комерцијален хит, надминувајќи ги очекувањата со својата премиера од 50 милиони американски долари во април 2018 година. Филмот заработи 188 милиони долари во Северна Америка и 340 милиони долари на глобално ниво. И со оглед на тоа што „Тивко место“ чинеше 17 милиони долари, трилерот имаше завидни профитни маргини.
Красински се врати како режисер, додека Емили Блант, Милисент Симондс и Ноа Џуп ќе ги повторат своите улоги од првиот филм. Красински, пак, во „Тивко место 2“, ќе се појави преку ретроспективи.

„Тивко место 2“ продолжува по настаните од првиот филм и го прикажува семејството Абот повторно заробено во границите на тишината додека се соочува со теророт на надворешниот свет.
Доколку се остварат прогнозите за бокс-офис, успехот на „Тивко место 2“, тоа може да претставува вистински пресврт за „Парамаунт“. По проблематичната 2019 година, кога студиото се соочи со големи финансиски загуби поради филмовите „Близнак“ и „Терминатор: темна судбина“, „Парамаунт“ сепак ги надмина препреките со „Ежот Соник“, додека, пак, „Топ ган: Маверик“ најверојатно ќе биде хит во текот на летото.