Градот бил религиозен и политички центар на древната култура што е позната како Тиванаку. Политиката и идеологијата имале религиозен карактер и ги обединувале различните етнички групи. Во почетокот, Тиванаку бил мала населба, но во периодот помеѓу четвртиот и деветтиот век од нашата ера со оформил како урбанистички град. Во центарот се наоѓаат повеќе јавни и религиски градби. Во 2000 година, Тиванаку беше прогласен за светско наследство на УНЕСКО

На јужните брегови на езерото Титикака, на надморска височина од 3.850 метри, во областа Алтиплано, на територијата на денешната јужноамериканска држава Боливија, се наоѓа античкиот град Тиванаку. Градот бил религиозен и политички центар на древната култура што е позната како Тиванаку. Постепено градот се трансформирал во политичка престолнина на моќна држава, која траела неколку века. Политиката и идеологијата имале религиозен карактер и ги обединувале различните етнички групи. Мултиетничноста е видлива во стилот и иконографската разновидност на археолошките материјали.
Во 2000 година, Тиванаку беше прогласен за светско наследство на УНЕСКО, а денес национален музеј и археолошко наоѓалиште, како и значајно културно и религиозно место на домородниот народ Ајмара од Боливија.
Во почетокот Тиванаку бил мала населба, но во периодот помеѓу четвртиот и деветтиот век од нашата ера со оформил како урбанистички град. Неговата архитектура се одликува со монументални градби, изградени со впечатливи камења и комплексен систем за контрола на дождовните води. Во центарот се наоѓаат повеќе јавни и религиски градби, како што се храмот на Каласасаја, пирамидата на Акапана, пирамидата на Пумапумку, како и палатата на Путуни и Кантаталита.
Градбите ги одразуваат сложената политичка структура и религиозната природа. Најимпозантна градба е пирамидата на Акапана, која се состоела од седум платформи со камени потпорни ѕидови, на висина од над 18 метри. Една од најинтересните градби е малиот полуподземен храм, кој се состои од 48 столба. Постојат повеќе врежани глави што се поставени на ѕидовите, кои ја симболизираат претходната религиозна практика на изложување на отсечените глави на ѕидот на храмот.


На север од Акапана се наоѓа Каласасаја, голем правоаголен отворен храм, за кој се верува дека бил користен како опсерваторија. Во внатрешноста на храмот се наоѓаат два врежани монолита и монолитната Порта на Сонцето – еден од најважните примери на уметноста во Тиванаку. Изработен е од андезит, во форма на порта, со ниши од двете страни. Над портата има релјеф на кој е претставено главното божество. Тоа е опкружено од антропоморфни птици и човечки лица. Некои од научниците веруваат дека релјефот е всушност календар што бил користен за религиозните обреди и агрикултурата.
Административните и религиските монументални градби се сведоци на економската и политичката моќ на Тиванаку, која се простирала на голема територија.
Во минатото, научниците веруваа дека Тиванаку имал околу 30.000 жители, меѓутоа новите истражувања покажуваат дека бројката била многу поголема и се движела до милион жители. Многубројното население се должело на развиеното земјоделство, кое било економска основа за развој на градот.

Се верува дека постоеле околу 50.000 земјоделски полиња што се карактеризираат со вештачките тераси, иновација што подоцна била преземена и од другите култури и цивилизации, како што се Инките.
Истражувачите веруваат дека градот пропаднал во 1000 година од нашата ера, а како причина за падот на Тиванаку се наведуваат климатските промени. Врнежите во басенот на Титикака значително се намалиле, со што настанал период на суша. Намалувањето на врнежите довело до намалување на храната, со што се намалила моќта на религиозно-политичката елита.