Музичката ѕвезда Тејлор Свифт (31) го собори рекордот на топ-листите поставен од легендарните „Битлси“, откако нејзината реиздадена верзија на „Fearless“ се најде на првото место на официјалната табела за најслушани албуми.
Нејзиниот трет албум „Fearless“ успеа да се искачи на врвот на топ-листата само 259 дена по успехот на „Folklore“, што се појави на 31 јули, и „Evermore“, издаден на 18 декември. Тоа значи дека сега Тејлор Свифт го држи рекордот за најбрза акумулација на три албуми број 1 на табелата во Велика Британија.
Пред Тејлор да го постигне ова, „Битлси“, славниот бенд што го сочинуваа Џон Ленон, Пол Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар, го држеа рекордот 54 години со три албуми на место број еден за 364 дена, поточно од 1965 до 1966 година. Тоа беа албумите: „Help!“, „Rubber Soul“ и „Revolver“.