Кинеското вселенско летало „Тјанвен-1“ успешно слета на Марс, а за да го обележи тоа, кинескиот производител на паметни телефони „Опо“ претстави специјален мобилен телефон. Ова е специјално издание на моделот „фајнд екс 3 про“. Овој модел доаѓа во нова сива нијанса, што е петти избор во палетата од претходните сина, бела, сјајна црна и космичка мока боја. Новата нијанса на сива боја е инспирирана од вселената, а задниот панел е изработен од АГ-стакло и има метален сјај, за да се постигне текстура на вселенскиот материјал. На задниот панел се врежани натписите Марс 2021 и Утопија Планитија, името на местото на слетување на вселенското летало „Тјанвен-1“ на Црвената Планета. Новиот модел на „фајнд екс 3 про“, исто така, доаѓа со три филтри, кои прават фотографиите направени на Земјата да изгледаат како фотографии направени на Марс. Специјалната верзија има и посебна тема Марс, а динамичните заднини покажуваат изгрејсонце и зајдисонце, промени на светлината и сенката на Црвената Планета во четири различни времиња. Паметниот телефон доби вкупно пет камери, предната е камера за самослик од 32 мегапиксели, поставена во перфориран исечок на екранот, додека на задната страна е главната камера од 50, ултраширока од 50, телефото од 13 и микроскопска од три мегапиксели.