Старлинк – интернет во камиони, бродови и авиони

Компанијата „Спејс екс“ бара регулаторна дозвола за поврзување на возилата, камионите, бродовите и авионите со својата сателитска интернет-мрежа Старлинк.
„Спејс екс“ побарала дозвола од Федералната комисија за комуникации, а тоа е најголемиот чекор на компанијата до денес кон поврзување на Старлинк со автомобилскиот сектор, што претставува потенцијално профитабилен бизнис, кој ќе ги прошири тековните стационарни понуди од руралните домаќинства.
Патничките автомобили ќе мора да почекаат, вклучувајќи ги и моделите на „Тесла“, бидејќи терминалот во моментов е преголем, а тоа го потврди и основачот и директор на двете компании, Илон Маск. Тој додаде дека поврзувањето со Старлинк во овој случај е наменето за авиони, бродови, големи камиони и кампери.
„Спејс екс“ во моментов има повеќе од 1.000 сателити во вселената што ја сочинуваат мрежата Старлинк, а околу 10.000 корисници веќе користат интернет како дел од бета-програмата наменета за руралните делови на САД што имаат мала или никаква интернет-врска.