Идните мобилни телефони на „Самсунг“ нема да доаѓаат со полначи

Три месеци откако компанијата „Епл“ објави дека ајфон 12 нема да доаѓа со полнач, „Самсунг“ исто така потврди дека во пакувањата за паметните телефони од серијата S21 нема да има слушалки и полначи, а истото тоа ќе се случи и со другите идни уреди.
Од „Самсунг“ тврдат дека нивните корисници веќе ги користат постојните полначи и дека има смисла да се изостават нови во пакувањата на мобилните телефони.
– Веруваме дека постепеното исклучување на полначите и слушалките од пакувањето на мобилните телефони може да помогне во решавањето на проблемите со одржлива потрошувачка и да се отстрани притисокот што потрошувачите може да го чувствуваат поради континуираното добивање непотребни полначи со новите мобилни телефони – се вели во изјавата на компанијата.
Се чини дека „Самсунг“ има намера да ја прекине испораката на полначи со сите свои мобилни телефони, но и со другите уреди што се нудат. Најавата дека ова ќе се случи постепено значи дека нема да има нагли промени. Некои телефони на „Самсунг“ најверојатно во иднина ќе имаат полнач или слушалки во пакетот, додека други нема, а со текот на времето додатоците ќе станат поретки.
„Самсунг“ користи стандардизирани полначи УСБ-Ц од 2017 година, така што тие исто така се компатибилни и со поновите уреди на „Галакси“.