„Нинтендо“ го оживеа „Гејм енд воч“ од 1980-тите

Неодамна компанијата „Нинтендо“ особено ги воодушеви носталгичарите со воведување една од своите најстари рачни играчки конзоли „Гејм енд воч“ од 1980-тите. Преносливата конзола „Гејм енд воч“ првпат беше претставена во 1980 година и се произведуваше до 1991 година, а главно е заслужна за успехот на „Нинтендо“. Оваа конзола беше далеку од она што денес го нуди „Нинтендо“ преку своите најпродавани игри.
„Нинтендо“ ја продаваше рачната видеоигра „Гејм енд воч“ пред светот да се вљуби во „Гејм бој“. Ако мислевте дека новиот „Гејм енд воч“ ќе изгледа многу помодерно и посовремено, не сте во право. Јапонскиот производител не сакаше многу да го менува оригиналниот изглед на конзолата, освен да инсталира ЛЦД-екран во боја.
„Гејм енд воч“ во новата верзија се полни преку УСБ-С кабел, а е достапен во црвен и златен дизајн. Доаѓа со три игри во него: „Супер Марио Брос“, „Супер Марио Брос: Д лост левелс“ и играта „Бол“, во која се појавува Марио, а која останува во црно-бела боја. Продажбата на рачната конзола „Гејм енд воч“ е ограничена, а уредот чини 49,99 долари.