Фејсбук и Инстаграм ја намалија брзината на проток на видеосодржини

Компанијата „Фејсбук“ објави дека за да се избегне метежот на интернет во Европа привремено ја намалила брзината на протокот на видеосодржините на своите социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Ова се случи по големиот скок на користењето на интернетот, како резултат на воведувањето на вонредните мерки низ цела Европа, кои бараат работа од дома и социјална изолација.

Претходно, „Нетфликс“ и „Гугл“ најавија дека ќе го приспособат својот систем на емитување содржини на новонастанатата ситуација.
– Во ситуација кога милиони Европејци се навикнуваат на мерките за социјална изолација на тој начин што работат, учат и се забавуваат преку интернет, им се заблагодаруваме на „Гугл“ и „Нетфликс“ за преземените чекори за зачувување на непреченото функционирање на интернетот за време на кризата со ковид-19 – изјави комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон.

Европската комисија претходно ги повика интернет-провајдерите, операторите и корисниците да го спречат метежот на мрежата и да обезбедат отворен интернет во овие вонредни околности. На стриминг-платформите им се препорачува да понудат стандардна содржина наместо ХД-резолуција.