„Епл воч 6“ за љубителите на јогата

„Епл воч 5“ се покажа како одличен уред за здравјето и фитнесот, но претстојниот „епл воч 6“, според најавите, би требало да биде многу подобар. Новиот паметен часовник на американскиот технолошки гигант ќе биде идеален за љубителите на јогата.
Ваквите најави се засноваат на патентот што неодамна го одобри компанијата „Епл“, а кој беше објавен од „Патентли Епл“. Насловен како потрошувачка на енергија и отчукувања на срцето за јогата, патентот детално ги опишува методите на прецизно следење на состојбата на корисникот за време на вежбањето јога, пренесува „Текрадар“.

Интригантно е што патентот споменува и мерење на телесната температура за да им помогне на корисниците да проценат дали е вистинско време за јога.
Сегашните модели на „Епл воч“ не можат да ја прочитаат температурата на вашето тело, како што тоа ќе треба да прави „епл воч 6“.
Меѓутоа, како што пишува „Текрадар“, тоа не мора да значи дека објавениот патент некогаш ќе ја види светлината на денот. Но со оглед на тоа дека датумот за можното лансирање на „епл воч 6“ и „вочОС7“ е во септември оваа година, многу е веројатно дека корисниците на новиот модел на паметни часовници на „Епл“ ќе уживаат во овие карактеристики.
Во секој случај, ако „епл воч 6“ не ја следи јогата и не ја мери температурата, овие можности ќе ги донесе „епл воч 7“.