Новиот робот на „Дизни“ трепка и имитира движења на лицето

Кога ќе се надмине фактот дека во моментов не е покриен со кожа, роботот на компанијата „Дизни рисрч“ изгледа импресивно, особено со можноста за имитирање човечки движења на лицето, од трепкање до суптилни движења на главата. Сензорот лоциран во градите на овој робот всушност го предупредува кога да се придвижи кон некого и да се соочи со лицето пред него. Покрај уникатните имитации на лицето, роботот постојано имитира дишење, што го прави уште пореален.
Роботот е развиен од инженери од одделот за истражување на „Волт Дизни имаџинеринг“ и истражувачи за роботика од универзитетот „Илиноис“, како и од Технолошкиот институт во Калифорнија. Овој тим на истражувачи се фокусирал на реален и интерактивен поглед на роботот. Повеќето хуманоидни роботи всушност го насочуваат погледот кон човечкото лице и се задржуваат таму, што луѓето не го прават додека комуницираат едни со други. Затоа, тимот на „Дизни“ сака да создаде робот со што е можно повеќе вистински израз на лицето.