Кога живеете речиси еден век, стекнувате голема збирка – имот. Сепак, никогаш нема да знаеме што поседувал принцот Филип, сопругот на британската кралица, кога почина на 99-годишна возраст годинава, бидејќи содржината на неговиот тестамент ќе биде запечатена и тајна до 2111 година.

Оваа судска одлука е донесена со цел да се заштити достоинството на кралицата.

Судијата сер Ендрју Мекфарлејн, кој е претседател на одделот за семејства при Високиот суд, наведе: „Сметав дека, поради уставната позиција на суверенот, соодветно е да има посебна пракса во однос на кралските тестаменти. Потребно е да се зајакне заштитата на приватните аспекти од животот на оваа ограничена група поединци, со цел да се задржи достоинството на монархињата и блиските членови на нејзиното семејство.“

Сер Ендрју, исто така, нагласи дека тој самиот не ја видел содржината на тестаментот, ниту знаел што има во него, и дека прелиминарните рочишта биле оддржани зад затворени врати за да се избегне какво било медиумско внимание или шпекулации.