Занимливости

Теотихуакан е еден од најголемите градови во претколумбиска Америка. Неговото име потекнува од ацтечкиот јазик и може да означува град на боговите, каде што човекот станува бог, родното место на боговите или местото каде што се родиле боговите. Но неговото вистинско име останува мистерија, а во записите на Маите се именува како место на трските.
Изградбата на градот почнала во третиот век пред наша ера, а својата кулминација ја достигнува на средината на петтиот век, кога станала центар на влијателна култура што се простира на илјадници километри. Жителите на Теотихуакан создаваат политички и економски поредок каков што претходно не е виден во Мезоамерика. Теотихуаканската цивилизација се проширила во Мексико и Централна Америка, а под влијание на оваа култура се нашле и Маите. Градот бил мултиетнички, неговото население се состоело од различни етнички групи.
Во центарот на градот се наоѓа т.н. Авенија на мртвите, каде што се лоцирани неколку значајни зданија – Пирамидата на сонцето, Пирамидата на месечината, Храмот на Квецалкоатал и др.
Во седмиот век градот бил ограбен и запален, а во минатото археолозите верувале дека станува збор за надворешна инвазија, но новите истражувања укажуваат за период на немири кога населението ги палело храмовите и палатите.


Теотихуакански маски

Во Теотихуакан и во области каде што доминирала неговата култура се пронајдени голем број маски, кои се изработени од зелен травертин и други материјали. На некои од овие маски, очите се изработени од школки и опсидијан. Нивната намена останува мистерија, а истражувачите веруваат дека не биле носени и дека се поврзани со култот на предците или боговите. Еден дел научници веруваат дека маските се поврзани со култот на богот на пченката.


Пирамида на сонцето

Пирамидата на сонцето е најголемата градба во Теотихуакан, една од најголемите градби во Мезоамерика, втората најголема пирамида на целиот американски континент и трета најголема пирамида во светот.
Пирамидата е долга 225 метри и широка 75 метри, а нејзината висина изнесува 75 метри. Изградена е во вториот век и се верува дека на нејзиниот врв имало храм што подоцна бил уништен. Не е познато нејзиното вистинско име, а името Пирамида на сонцето е од ацтечко потекло. Таа е изградена над вештачки тунел, кој води до пештера, која е лоцирана шест метри под пирамидата. На аглите на пирамидата се откриени погребни места, а во некои од нив се закопани деца. Се верува дека овие гробови се поврзани со жртвениот ритуал при осветувањето на пирамидата.


Големата божица на Теотихуакан

Во живеалиштата на богатите граѓани се откриени голем број мурали на кои се претставени комплексни и раскошни богови. Во минатото се веруваше дека на овие ѕидни слики е претставен Тлалок – богот на дождот. Но новите истражувања покажуваат дека станува збор за женско божество, кое е придружено од фигури, зелена птица и пајаци. Научниците врз основа на оваа симболика веруваат дека станува збор за претстава на божица на вегетацијата и плодноста, божица што ѝ претходи на подоцнежната ацтечка божица. Во 1983 година оваа божица беше именувана како Тихуаканската Жена Пајак, а денес е позната и како Големата Божица од Теотихуакан.