Со оглед на фактот дека требаше да служи 10 години и имаше голем број проблеми, навистина е тешко да се поверува дека вселенскиот телескоп „Хабл“ наполни 30 години и сè уште е еден од најкорисните инструменти во вселената.
За да ја прослави големата годишнина, американската вселенска агенција НАСА претходно објави 30 фотографии направени од „Хабл“, кои се дел од Колдвеловиот каталог. Станува збор за колекција од 109 познати астрономски тела што можат да ги видат астрономи аматери со помош на мали телескопи.
Една од подраматичните фотографии е Колдвел 45, која прикажува спирална галаксија во соѕвездието Воловар, позната по својата прстенеста структура околу нејзиното јадро. Оваа фотографија, како и многу други во Колдвеловиот каталог, е направена со употреба на неколку инструменти на „Хабл“, вклучувајќи ги широкоаголната камера 3 и широкоаголната и планетарна камера, инфрацрвената и ултравиолетовата светлина. Каталозите со ѕвезди можат да им помогнат на набљудувачите сами да забележат некои од неверојатните објекти. НАСА му го продолжи животот на телескопот „Хабл“ во 2016 година за пет години, но тоа не е крајниот рок.
– Датумот на пензионирање на „Хабл“ не е одреден. Тој ќе продолжи да работи додека неговите компоненти функционираат и добро ѝ служат на научната заедница – се наведува на интернет-страницата на Европската вселенска агенција.