Не мислете на лошите вести, продолжениот карантински викенд, затворените граници… и опуштете се во кругот на семејството заедно со: „Индијана Џонс“, „Ѕвездени патеки“, „Куќа од хартија“, „Север и Југ“, „Враќање во Идн“…

Сериите со кои сме растеле колкупати и да ги гледаме, секогаш кај нас предизвикуваат убави чувства. Хуморот, досетките и целата животна филозофија што се вткаени во нивните сценарија, ликовите со кои сме го граделе и сопствениот карактер, меѓучовечките односи и естетиката што се провлекува низ ентериерите, модата, музиката, секогаш предизвикуваат насмевка на нашите лица. Кога некој ден, а во случајов целиот период, е тежок и мрачен токму гледањето на овие филмски и телевизиски серии секогаш е добра одлука за брзо поправање на расположението.

„Индијана Џонс“

На Нетфликс во моментот ги има сите четири филма за авантуристот Индијана Џонс, што е идеално за една убава филмска вечер. Тоа е свет што секогаш со
задоволство го посетуваме, кој има смисла. Херојот на сите четири филма е археологот д-р Хенри Индијана Џонс и лошите момци, кои никако не можат да сфатат дека старите артефакти со супермоќи им припаѓаат на музеите. Со толкав хаос што се случува во светот, има нешто неверојатно утешно во гледањето на овој херој, како ги разбива крадците, но и нацистите и ги поправа неправдите.

„Ѕвездени патеки: Следна генерација“

Исто така на Нетфликс може да се погледне и серијалот „Ѕвездени патеки“, филмови што секогаш ја слават хуманоста, а со комплетот за новата генерација време е да се потсетиме на овие С-авантури. Погледнете ги уште еднаш познатите ликови и истражете ги далечните галаксии. А можете и да повторите сѐ, пред да ја погледнете серијата „Пикард: сезона 1“.

„Куќа од хартија“

Оваа шпанска серија одушеви милиони луѓе во целиот свет, благодарение на извонредната актерска екипа и внимателно осмисленото дејство. Приказната следи неколкумина луѓе, кои решаваат да го изведат најголемиот грабеж што кога било се случил во Шпанија, односно од печатницата да изнесат 2,4 милијарди евра. Гледачите со нетрпение го очекуваат крајот, а напнатоста не попушта до самиот крај, што е една од причините за успешноста на серијата. Главните улоги ги толкуваат: Урсула Корберо, Икар Тутињо, Алваро Мортем Педро Алонсо…

„Случајни партнери“

Неверојатната хемија што постои меѓу двата главни лика на серијата, Меди Хејс (Сибил Шепард) и Дејвид Едисон (Брус Вилис), беше една од причините поради кои оваа серија со толкав жар ја следеа милиони гледачи во светот.
„Кафулето ’На здравје‘“

Песната со препознатлив рефрен „Where Everybody Knows Your Name“ беше мотото на серијата чие дејство е сместено во маалско кафуле во кое се собира група локални станари. Серијата се емитуваше цели 11 години.

„Север и Југ“

Серијата го следи животот на два лика, Џорџ Хазард и Ори Мејн, кои станаа најдобри пријатели за време на школувањето на угледната воена академија „Вест Поинт“, а нивното пријателство беше на проба поради Граѓанската војна во САД, кога Џорџ и Ори се најдоа на спротивставени страни.

„Враќањето во Идн“

Иако оваа австралиска серија не ја достигна популарноста на култните „Далас“ и „Династија“, многумина ја следеа љубовната приказна на главната хероина Стефани Харпер, која нејзиниот сопруг Грег и неговата љубовница ја фрлија во река полна со крокодили. Стефани ја преживеа несреќата и тука почнува вистинскиот заплет. Таа станува Тара Велс, супермодел и е подготвена на одмазда.