Тајкунот Лесли Векснер, 82-годишниот основач и извршен директор на компанијата „Ел брендс“, наводно размислува да се повлече од водечката позиција во неговата компанија и потенцијално да го продаде брендот за долна облека „Викторија сикрет“, пренесе „Волстрит џурнал“.

Векснер, сепак, би можел да остане на позицијата претседател на компанијата. Тој наводно сака целосно или делумно да го продаде модниот синџир за долна облека поради опаѓањето на продажбата, како и многубројните шпекулации и поврзаноста со контроверзниот финансиер Џефри Епстајн кој си го одзема животот во затвор откако беше обвинет за секс-трговија.

Векснер, чие богатство се проценува на 6,7 милијарди долари, периодов се соочи со низа прашања во врска со неговата поврзаност со Епстајн.

Тој изјави дека се срами поради неговата поврзаност со Епстајн и го обвини за  злоупотребата на повеќе од 46 милиони долари додека работел на позицијата како финансиски советник.