Кевин Харт изјави дека се повлекува од улогата на водител на „Оскарите“ в година, само два дена откако беше одбран да го води шоуто, поради критиките кои му беа упатени за серија хомофобични твитови стари неколку години, пренесува „Гардијан“.

Тој најави дека се повлекува откако од Американската филмска академија побарале да се извини за навредливите твитови, или во спротивно ќе најдат друг водител, по што тој, сепак, не се извинил.

– Решив да се повлечам од улогата како водител на „Оскарите“ бидејќи не сакам да го одвлекувам вниманието за време на ноќта која треба да биде прославена од голем број неверојатни актери – напиша Харт на Твитер.

Сепак, откако ја сподели изјавата за повлекувањето, тој се извини на ЛГБТ-заедницата за бесчувствителните зборови од неговото минато.

Церемонијата на доделувањето на „Оскарите“ ќе се емитува на телевизијата Еј-би-си на 24 февруари в година.