Пред Антонио Бандерас да ги избричи веѓите и косата за да го игра Пабло Пикасо – својот долгогодишен херој – веќе двапати му понудиле да го глуми. „О, да“, вели. „Двапати“.
Се потсетува на ова додека зборува за серијата „Гениј“, во продукција на Нешнел џиографик, што се снимаше во Унгарија и на Малта. Серијата беше фокусирана на Пикасо, а светот ја виде премиерно првата епизода на 24 април.
Пикасо во серијата има 67 години. Додека снимаше, славниот актер заземаше став на еден 67-годишник. Но кога не глумеше, беше Антонио Бандерас, човекот-извичник, а неговото лице беше како оркестар од различни изрази. Бандерас е одамна ѕвезда во Шпанија, каде што му беше муза на Педро Алмодовар, играјќи во седум од неговите филмови. Веќе има добиено признанија за улогата во филмот од 1991 година, „Мамбо кралеви“. Неговата глума беше толку фасцинантна што ретко кој забележа дека не знае англиски.

Ја маѓепса американската публика со интимниот портрет на љубовникот на Том Хенкс во „Филаделфија“. Му помогна на Роберто Родригез, уште еден режисер што го обожава, да се пробие во Америка со филмовите „Десперадо“ и „Деца шпиони“.
Во детските срца „влета“ со „улогата“ на итриот Мачор во чизми од „Шрек“, а подоцна и во истоимениот филм. Тој е режисер и на два филма. Пееше серенада во „Евита“ и симулираше француски бакнежи со Кетрин Зета Џонс во двете продолженија на хитот „Зоро“.
Како што старееше, доби можност да глуми (или речиси да глуми) историски личности: Дали, Мусолини и Панчо Вилја.
А сега го глуми својот јунак од детството и гордоста на Малага – неговото и родното место на Пикасо. Додека растеше, мајка му секојпат ќе застанеше додека поминуваа покрај куќата во која е роден уметникот и ќе му кажеше: „Погледни, Антонио!“. Сега, во својата куќа во Малага, може да ја види таа иста куќа од својата тераса. Сепак, тој вели дека улогата на Пикасо не е таа улога. „О, не“, вели. „Сѐ уште мислам дека не сум ја одиграл улогата по која ќе ме запаметат“.

Бандерас и Пикасо имаат слични почетоци, но лесно може да се „испревртат“ деталите на раѓање со тоа во какви луѓе тие пораснаа. Земете го за пример нивното однесување кон жените. Неговата пријателка, актерката Селма Хајек, вели дека Бандерас ѝ е толку добар пријател што бил меѓу првите што ѝ се јавија откако го прочитал нејзиниот есеј за „Њујорк тајмс“, во кој раскажува како била злоупотребувана од филмскиот продуцент Харви Вајнстајн.
За Пикасо, пак, жените се „машини за страдање“ и „или се божици или чергичиња за бришење чевли“.
„Гениј: Пикасо“ се занимава исто толку со неговата мизогинија колку со неговата уметност. Во првата епизода сопругата е во неговата куќа со децата, додека тој ужива со љубовницата на плажата, а потоа двете жени се тепаат пред него, додека ја создава познатата „Герника“.

– Проблемот со Пикасо, барем јас така гледам на него, не е во тоа дека тој ги злоупотребувал жените на начин на кој тоа ние денес го доживуваме, туку тој едноставно сакал сѐ и секогаш – изјави Бандерас.
Тој влезе во проектот со максимална посветеност и максимално истражување. Раскажува дека внукот на Пикасо, Паблито, стоел на улицата во близина на неговиот дом во Франција, носејќи огласна табла во периодот кога дедо му не му дозволувал да го посети, додека ги живеел своите последни денови. „Само напред“, вели, „прашајте ме сѐ што ве интересира“.
На 57-годишна возраст добива сѐ подобри улоги.
– Имаат поголема тежина, покомплексни се, подлабоки и повеќе уживам во нив. Тоа е како да имате сад во кој не можете да престанете да трупате работи. Порано како да бев облечен во истата униформа. Од мене бараа да бидам херојски, епски јунак – раскажува Бандерас.
Има интересно согледување за новонастанатата состојба во светот на филмот.
– Можеби хиспано-популацијата расте и созрева. Меѓу нив има голем број високообразовани луѓе и нивното филмско присуство е реалност. Сега е нормално да видите мексикански режисери што се заблагодаруваат за „оскарот“, како и шпански и порторикански актери – објаснува Бандерас.
Но, можеби е и до него. Можеби сето тоа има врска со трансформацијата на малите ликови во големи и впечатливи. Тој ризикуваше на уметничко поле. Стана многу вешт во „уфрлањето душа“ во еднодимензионалните филмски ликови.
Бандерас, кој живее во Англија со својата девојка Никол Кимпел, советничка за инвестиции, помина низ многу нешта во животот – се пресели во Англија, во 2015 година се разведе од актерката Мелани Грифит и пред една година преживеа срцев напад. Во болница беше само еден ден, но додека закрепнуваше сфати дека не може да се ослободи од тагата.
„Одненадеж сфаќате дека може да исчезнете во само една секунда“, зборува денес.
Со текот на времето, тагата му го отстапи своето место на едно друго чувство: инспирацијата. Тој е сѐ уште тука, а има уште толку многу да се сработи.