Мана Сривејт, тајландски член од медицински тим за спасување, успеал да спаси младенче од слон, откако во животното удрил мотоцикл. Тајланѓанецот применил метод на масажа на срце и успеал да му го спаси животот на слончето, пренесуваат светските медиуми.

Сривејт кој 26 години работи во служба за спасување, и претходно вршел реанимација, но никогаш на слонови. Слончето станало по околу десет минути. Младенчето слон било удрено од мотоциклот кога го преминувало патот со крдо диви слонови во провинцијата Чантабури во источен Тајланд.

Сривејт и неговите колеги му помогнале и на мотоциклистот, кој не бил сериозно повреден. Спасувачот изјавил дека кога се случила несреќата, тој бил на краткотраен одмор и ги искористил слободните денови за патување.

– Имав инстинкт да му го спасам животот, но бев загрижен дали другите слонови ќе ме повредат затоа што ја слушнав мајката како го повикува младото. Претпоставував каде може да биде срцето благодарение на знаењето за човечкото тело и видеата што сум ги гледал на Интернет. Кога слончето започна да мрда, замалку ќе заплачев – изјавил Сривејт по телефон за агенцијата „Ројтерс“.

Слончето било пренесено во ветеринарна станица каде ветеринарите му помогнале. Потоа било вратено на местото на несреќата со цел полесно да си ја пронајде мајката. Тоа не било сериозно повредено.