Со бурни аплаузи и желба за точка повеќе, велешани ги испратија солистите, хорот и оркестарот на ансамблот „Танец“ од сцената на центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ каде што музичарите, по едногодишната пандемиска пауза, се вратија пред македонската публика во рамките на 58. издание на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“.

Ова е наедно и почеток на новата сезона на националниот ансамбл, симболично наречена „Враќање“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на отпочнување на новиот сценски живот по долгата глобална здравствена криза што се одрази на уметноста во целиот свет.

Со овој концерт, „Танец“ ја почнува првата серија летни концерти, со кои ќе ѝ се претстави на домашната публика низ повеќе градови. Првите пет концерти се со вокално-инструментален карактер, во согласност со важечките епидемиолошки протоколи, со надеж дека во јули, ансамблот ќе може да блесне во полн сјај, со учество и на игроорниот кор, во своите раскошни кореографски поставки. Покрај концертот во Велес, кој се одржа во петокот на 11 јуни, „Танец“ во соработка со центрите за култура, ќе одржи концерти во Прилеп (17 јуни), Македонска Каменица (24 јуни) и во Кавадарци (1 јули), а потоа ќе настапи и во главниот град, на фестивалот „Скопско лето“ (16 јули). Концертите се предвидени да се одржуваат на отворено, но поради нестабилните временски услови, како алтернатива се резервирани и затворените концертни подиуми.

Она што уметниците го очекуваат со особено нетрпение се трите големи музичко-сценски спектакли од втората серија летни концерти на ансамблот наречена „Танец под ѕвездите“, кога на големите сцени во Струмица, Охрид и во Битола ќе се претстави со својот полн состав, заедно со игроорниот кор. Концертот во Струмица ќе се одржи на 23 јули на плоштадот пред центарот за култура „Антон Панов“, додека концертите во Охрид (на 26 јули во рамките на „Охридско лето“, кој е од хуманитарен карактер) и во Битола (28 јули во рамките на манифестацијата „Илинденски денови“) ќе се одржат во прекрасните амбиенти на античките театри, заедно со националниот ансамбл за хрватски народни песни и игри „Ладо“. „Танец“ имаше заеднички концерт со српскиот државен ансамбл „Коло“ во јубилејната сезона во 2019 година, а оваа практика за заемно концертирање со сродните ансамбли од регионот ќе продолжи и натаму. Во есенскиот и во зимскиот период од оваа сезона, „Танец“ планира и многу други концертни и промотивни активности на затворено, но поради немањето своја концертна сала, истите тие ќе бидат најавени и реализирани во согласност со развојот на здравствената состојба во земјата и во согласност со расположливите термини и услови во постојните концертни објекти кај нас.