На евровизиската сцена во Тел Авив „Proud“ првпат ќе прозвучи на 7 мај, кога ќе се случи првата фестивалска проба, која според Тамара е многу важна за целокупниот впечаток

Утре во 5 часот почнува евровизиското патување на Тамара и на нејзината екипа, а целта е Тел Авив, каде годинава се одржува овој престижен фестивал по 64-ти пат. Првпат на големата сцена „Proud“ ќе прозвучи на 7 мај и за нашата претставничка тоа е многу важен момент.

– Јас веќе три дена не спијам, имам трема, „душотрес“, но истоверемено и многу убаво чувство дека овојпат сигурно ќе влеземе во финалето. На 7 мај е првата проба, што е многу битна за да видат сите дека и стејџингот ни е феноменален, како и песната, по што се надевам дека ќе се кренеме повисоко и во обложувачниците. Според агендата на 10 мај имаме македонска вечер, а на 11 мај е втората проба. Првото полуфинале е на 14, а јас настапувам на второто на 16 мај – рече Тамара Тодевска на денешната прес-конференција.

Таа додаде дека повеќемесечните подготовки за „Евровизија“ многу ја смениле.

– Кога ми се јавија од МРТ и ми предложија јас годинава да пејам на „Евровизија“, бев тазе породена и мислам дека дури не очекуваа дека ќе прифатам. По овие неколкумесечни подготвки се чувствувам позрела, порасната, со ново искуство и сето она што досега сум го проживувала сега има смисла. Мислам дека во вистински момент на вистински човек му се случи вистинска песна. Многу сум среќна и и горда поради тоа – вели таа.

Тамара откри дека во Тел Авив нема да има претставници на семејството, туку со неа ќе бидат нејзините другарки.

– Ќеркичката Хана е во Белград, Дарен со баба му Софче ќе оди за Гевгелија, а во Тел Авив ќе дојдат моите другарки и оваа цела прекрасна екипа околу мене. Драго ми е што ги споив Лазар Цветоквоски, Дарко Димтиров и Роберт Билбилов, и секако што соработувам со Коста Петров и со неговата сопруга Сања, кои ми напаравија извонреден текст во кој многумина се препознаа. Денеска е пуштен и првиот ремикс на песната, а се надевам ќе има и други – откри Тамара.

Од своја страна композиторот Дарко Димтиров исткна дека е многу убаво што заедно со Роберт и Лазе соработуваат заедно како тим, а Библилов го пофали и Коста Петров за професионализмот.

– Ова за мене е прво вакво искуство, зашто јас пишувам книги, но сигурен сум дека Македонија ја има најдобрата екипа што некогаш била на „Евровизија“, имаме моќен вокал и одличен тим, а успехот пред се е тимска работа. Затоа, им благодарам на МРТ што и дадоа одврзани раце на Тамара сама да го формира тимот. Се покажа дека е одличен менаџер бидејќи избра вистински луѓе околу себе – вели Коста Петров.

И Тамара и Коста раскажаа како се родила идејата за едно вакво претставување на „Евровизија“, со концепт и порака.

– Во моментот најголемата љубов ми е семејството, децата и сопругот. Коста прво ме праша на што си особено горда, јас без колебање реков дека тоа е моментот што се реализирав како мајка. Му реков дека би сакала да пејам за Хана, бидејќи сакам кога ќе ја гледа снимката по десетина години да рече, мајка ми имала причина зошто ја направила оваа песна – откри таа.

За Коста „Горда“ не е само феминистичка песна.

– Таа е за сите кои иамле тешки периоди, за луѓе кои се омаловажувани, но се осмелиле и рекле, јас ќе правам тоa што сакам. И јас имам ќерка Бела, песната е за сите наши ќерки, мајки, сестри… и се надевам дека е најважно да веруваш во себе и да го живееме животот по сопствени правила – порача Петров.

Претставник од ОГАЕ Македонија и посака многу среќа на Тамара во Тел Авив, а на крајот таа заедно со бек-вокалите кои ќе ја придружуваат на евровизиската сцена – Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев – за кои имаше многу комплименти, испеја во живо дел од „Proud“. М.Т.