Да се биде различен значи да се биде горд на себеси. На 16 мај ќе му кажеме на светот дека „се гордеам со себе“ е секогаш посилно од нивното „никогаш нема да бидеш доволно добра“! Запаметете, секогаш ќе бидете доволно добри, вели Тамара Тодевска

Како звучи нашата евровизиска песна „Proud“ ќе слушнеме на 4 март. Во моментот се привршува песната, со доработува, се осмислуваат сите детали. Исто така се работи на целиот евровизиски пакет.
-„Proud“ се развива како осмислен концепт, како цел пакет што ќе биде понуден. Секако, ќе се движиме во рамките на предвидениот буџет. Јас сум презадоволен од начинот на кој нашата земја ќе биде претставена на годинашната „Евровизија“ – вели Тони Цифровски, пиар на македонската евровизиска делегација.

Неодамна Тамара Тодевска на домашната и на евровизиската јавност ѝ се обрати со емотивен текст, во кој, меѓу другото, вели дека за неа „Евровизија“ не е само фестивал туку и прифаќање на различностите, на себеси онаков каков што си.

– За мене „Евровизија“ отсекогаш претставувала прифаќање на различното, пркосење на правилата и прифаќање на себеси баш онаков каков што си. „Евровизија“ е таа една вечер во годината кога публиката во целиот континент се собира на едно место за да ги прослави посебноста, храброста и вербата во себе! Тоа е местото каде што да се биде различен значи да се биде горд на себеси. Јас сум мајка на две деца, имам тригодишна ќерка и тримесечен син. Знам дека звучи како клише, но тие навистина го променија мојот живот и јас како мајка и како родител чувствувам дека е моја и наша обврска да донесеме позитивни промени во животите на нашите деца. Целиот мој живот ми кажуваа дека не се однесувам женствено, дека не сум доволно добра, дека се движам и се однесувам како машко. Наведни ја главата, облечи нешто секси и на никој нема да му биде гајле што зборуваш, ми велеа. За нив јас бев само уште една изгубена девојка. Денес, кога ќе ја погледнам ќерка ми, сакам да има можност да расте во свет во кој никој нема да ѝ суди, нема да ѝ кажува како да се однесува, како да постапува или како да се движи. Сакам да знае дека не мора да ги следи правилата за да биде прифатена. Сакам да биде онаква каква што таа сака да биде и, најважно, да биде горда на себе. Тоа е најмалку што можам да направам за неа – напиша Тамара.
Таа својот евровизиски настап ќе ѝ го посвети на својата ќерка Хана.

– На 16 мај ќе пеам за мојата ќерка. Ќе пеам за сите на кои им било кажано да ги наведнат главите и да ги следат правилата. На 16 мај ќе ги прекршиме правилата и барем една вечер во годината ќе му кажеме на светот дека „се гордеам со себе“ секогаш е посилно од нивното „никогаш нема да бидеш доволно добар/а“! Запаметете, секогаш ќе бидете доволно добри – порачува таа.

Писателот Коста Петров е автор на текстот на евровизиската песна. Тој работел заедно со сопругата, за да го долови женскиот аспект на песната. Уште кога првпат го прочитала текстот, на Тамара ѝ се допаднал.

Инаку, Коста е пријател со Тамара подолго време и ја следи нејзината кариера. Тој на јавноста ѝ е познат по книгата „Се гледаме на врвот“, па да се надеваме дека и нашата годинашна евровизиска приказна ќе оди во таа насока.

– Ја знам Тамара долго и кога ѝ се јавив да ѝ честитам на изборот ми рече дека овој пат на „Евровизија“ сака да оди со осмислен концепт, а не само како интерпретаторка на песна. Тогаш ме замоли да ѝ го напишам текстот, а кога по малку ѝ го испратив, нејзината порака беше: „Се наежив“. Сопругата многу ми помогна во пишувањето, зашто таа ја даде неопходната женска перспектива. Кај нас, како што напиша и Тамара во своето јавно обраќање до евровизиските обожаватели, сѐ уште жените ги немаат сите права, не се целосно прифатени во општеството, во кое уште владеат некои машко-женски предрасуди. Има луѓе кои влијаат на тебе, на овој или оној начин, но ти секогаш треба да се прифатиш онаква каква што си – вели Коста Петров.

Освен Петров, на песната работат и композиторите Лазар Цветковски, Роберт Билбилов и Дарко Димитров. Интересно е дека сите во екипата, секако и Тамара, имаат евровизиско искуство, некои настапиле еднаш како дел од тимот, а некои повеќепати. Така, годинава, според македонскиот евровизиски клуб ОГАЕ, на Дарко Димитров ќе му биде петто претставување на „Евровизија“ како автор (од вкупно 19 учества): во 2006 г. со Елена Ристеска, во 2013-та со Есма и Лозано, во 2014-та со Тијана Дапчевиќ, во 2018-та со „Ај кју“ и сега со Тамара. Најголем успех досега од нив имавме со Елена и „Нинанајна“, која во финалето го подели 12-то место. Тука е и „Детската евровизија“, каде што Димитров учествувал најмалку двапати.

И на Тамара ова ќе ѝ биде четврто учество на овој престижен натпревар, двапати како придружен вокал, двапати како солистка. Со оглед на своето искуство, таа посочува дека една од најслабите точки на нашите настапи е сценографијата.

– Сцената, костимографијата, настапот, тоа се слабите точки што сите ни ги паметат (под услов да е песната добра). Треба да се направи баланс и координација меѓу буџетот (тука не можеме да се мериме со Шведска), стилот на песната и гардеробата/кореографијата – вели Игор Трајковски од „ОГАЕ-Македонија“.

Што се однесува до изборот на евровизиски претставници во опкружувањето, тоа веќе го направија Хрватите и Словенците, Србите ќе избираат претставник наскоро на „Беовизија“, а Бугарите се откажаа поради немање пари. И во Македонија, по катастрофалната автобуска несреќа кај Ласкарци, пред две недели, на социјалните мрежи се појави повик „Ајде да не одиме на ’Евровизија’, за да купиме амбулантни возила“. Сепак, тоа овој пат би било мешање баби и жаби, бидејќи се знае кој за што е задолжен во земјава. Учеството на „Евровизија“ е скапа играчка, но да се надеваме дека, освен како промоција на нашата држава, овој пат и пласманот ќе ги оправда потрошените околу 200.000 евра.

Во глобални рамки, годинашната „Евровизија“ добива политички конотации. Имено, во Велика Британија, Франција, Шведска и други земји има сѐ повеќе реакции поради тоа што изборот ќе се случи во Тел Авив, Израел.

– На Израел не смее да му се дозволи натпреварот за песна на „Евровизија“ да го искористи како пропагандно средство – се наведува во реакцијата на музичарот и активист Брајан Ено за британски „Гардијан“.

Ено истакнува дека уметниците најдобро дејствуваат во слободен простор со отворени комуникации и не смее да се дозволи културата да стане дел од политички план.
Голем број јавни личности од В. Британија, меѓу кои се и Вивијан Вествуд, Питер Габриел, Мајк Ли, потпишаа отворено писмо во кое од Би-би-си бараат откажување на преносот на годинашната „Евровизија“, поради окупацијата на палестинските територии од страна на Израел. Од Би-би-си одговорија дека „Евровизија“ не е политичка манифестација и не поддржува политичка порака и кампања.