Тамара Тодевска е дел од најновата кампања на Европската Унија наречена „Европејците што прават разлика“. Кампањата има цел да им ги претстави на граѓаните на ЕУ иновативните и талентираните жени од Западен Балкан.
Освен Тамара, во оваа кампања учествуваат и Маја Раишевиќ од Црна Гора, Селма Продановиќ од Босна и Херцеговина, Детина и Аргита Зали од Албанија и Наташа Ковашевиќ од Србија.

Како дел од кампањата, Тамара ќе има и свој настап во Брисел на 5 март. Претходно, на 3 април ќе гостува во Амстердам, Холандија, во познатиот културен центар ,,Мелквег“.

Ова доаѓа по учеството на ланската „Евровизија“ во Израел, каде што го постигна најдобриот македонски резултат на овој престижен музички натпревар, освојувајќи го првото место од жирито и седмото во конечниот пласман. Во декември во Тирана, Албанија, таа ја доби престижната награда за најдобар интернационален изведувач на музичкиот натпревар,,Кенга меџик“ (Магична песна) во организација на ТВ Клан. Таму ја промовираше својата нова песна ,,Монстерс“ (Чудовишта), за која музиката ја напишаа Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски, истите автори и на евровизиската „Proud“, а текст и овој пат е на Коста Петров. Тодевска на 10 јануари настапи во Лондон, во популарниот клуб „Ројал Воксхол таверн“ на настанот наречен ,,Еврофест“.