Талос – бронзен џин

Според хеленската митологија, Талос е творба на богот Хефест, изработен по барање на Зевс. Подоцна врховниот хеленски бог ѝ го подарил на принцезата Европа, во која бил вљубен, а неговата примарна задача била да ги заштитува принцезата и островот Крит. Талос секој ден по трипати го претрчувал островот и им дозволувал на бродовите да се истоварат доколку имале дозвола од властите. Во спротивно, врз нив фрлал карпи од голема далечина. Талос бил изработен од бронза, а низ неговиот сложен механизам минувала божествена течност, која содржела олово. Во класичната уметност, Талос е претставен како млад маж, покриен со бронза.