Пулпата од кафе, која е широко достапна и богата со хранливи материи, обезбедува исплатливо решение што може да помогне во обновувањето на шумите во време кога се соочуваме со климатска криза, велат стручњаците

На земјиштето третирано со пулпа од кафе е евидентиран поголем број дрвја, кои биле и до четири пати поголеми отколку во контролната парцела. Пулпата од кафе, односно отпадниот производ во производството на кафе, покажа својства што го забрзуваат обновувањето на тропските шуми на копно користени во земјоделски цели, покажа неодамнешна студија објавена во научното списание „Еколошки решенија и докази“.
Научниците од Техничкиот универзитет во Цирих и од Универзитетот на Хаваи го испитале влијанието на пулпата од кафе врз процесот на обновување на шумите на земјиштето што порано било плантажа за кафе во јужниот дел на Костарика. На парцела од 35 × 40 метри, тие нанеле слој пулпа со дебелина од половина метар и две години ги споредувале резултатите со контролна почва на слична површина што не го добила овој „третман“. Како што изјави за медиумите главниот автор на студијата, докторката Ребека Кол, резултатите биле драматични. По две години, земјата третирана со пулпа од кафе се претворила во вистинска мала тропска шума, каде што 80 проценти од површината била покриена со крошни на дрвја, додека на контролната парцела, овој процент бил помал за 20 проценти.

Исто така, имало четири пати повеќе дрвја на третираната земја. Со секој произведен тон зрна кафе, се произведуваат два тона пулпа. Овој отпаден производ од производството на кафе ги елиминира инвазивните треви, што инаку го отежнува процесот на регенерација на земјоделски третираното земјиште, што им овозможи на домашните видови дрвја во оваа област повторно да се појават и да се шират со побрзо темпо, со помош на животните што го расфрлаат семето. Покрај тоа, научниците забележале дека почвата третирана со пулпа од кафе е побогата со хранливи материи, како што се јаглерод, фосфор и азот.
Ова откритие е многу важно, бидејќи таквите земји се претежно сиромашни со хранливи материи, што го отежнува пошумувањето. Иако се потребни дополнителни истражувања, како што нагласуваат авторите, за да се испита подолгорочниот ефект на пулпата од кафе, како и да се покаже овој метод во низа различни услови, резултатите од студијата звучат ветувачки и носат нова доза оптимизам во борбата против климатските промени. Студијата сугерира дека остатоците од производството на кафе, што се широко достапни и богати со хранливи материи, обезбедуваат исплатливо решение што може да помогне во обновувањето на шумите во време кога се соочуваме со климатска криза.