Авторот на американската телевизиска мини-серија во продукција на ХБО, чија тема е најголемата светска нуклеарна катастрофа во Чернобил, проговори за непристојните фотографии и самослици на туристите кои го посетуваат местото на несреќата во Украина, пренесе „Гардијан“.

Популарноста на серијата предизвика зголемување на бројот на туристи кои сакаат да ги посетат електраната и градот на духовите, за 30 до 40 отсто. Инфлуенсерите на социјалните медиуми кои го посетија местото, беа критикувани поради нивните обиди да привлечат внимание преку гламурозните фотографии од местото, кои биле објавени на нивните Инстаграм профили.

– Прекрасно е што серијата „Чернобил“ во продукција на ХБО ја зголеми посетеноста на електраната и градот. И да, видов некои од фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи. Но за време на вашата посета, ве молам да се сетите дека на тоа место се случи голема трагедија. Покажете почит за сите оние кои настрадаа и се жртвуваа – објави утрово Креиг Мазин, сценаристот на серијата, на својот профил на Твитер.

Една чернобилска туристичка агенција бележи пораст од 40 отсто во резервациите од почетокот на серијата, чиeшто емитување почна во мај и наиде на позитивни критики во јавноста.