„Твитер“ ја истражува суровата и координирана кампања на омраза, чија цел е да се шират дезинформации за принцот Хари и Меган Маркл, пишува „Космополитен“. Магазинот потенцира дека има илјадници непримерни твитови на оваа тема.
Новиот извештај од независната аналитичка компанија „Бот Сентинел“ открива дека од 114.000 твита за двојката, Меган била цел во 80 отсто од објавите. Понатаму, 70 проценти од ваквите твитови доаѓаат од 83 профили, за кои се чини дека имаат единствена цел да шират дезинформации за војводата и војвотката од Сасекс.
– Нашата анализа ни овозможи да изолираме 55 еднонаменски профили што ги идентификувавме како примарни профили на омраза и 28 секундарни профили на омраза што главно ги засилуваат примарните – се наведува во извештајот.
Заедно, профилите имаат вкупно 187.631 следач, за кои „Бот Сентинел“ проценува дека имаат „комбиниран единствен потенцијален досег од 17 милиони корисници“.
Кристофер Бузи, извршен директор на „Бот Сентинел“, изјави дека кампањата на Твитер против Меган не наликува на ништо што неговиот тим видел претходно.
– Нема мотив, кои се овие луѓе што ја мразат? Дали е тоа расизам? Дали се обидуваат да го повредат кредибилитетот на Хари и Меган? Вашата претпоставка е добра како и нашата – вели тој.
Тој подоцна твитна дека осум профили се суспендирани, а четири се деактивирани. Сега, „Твитер“ соопшти дека ќе го истражи дигиталниот напад врз двојката, а портпаролот им изјави на новинарите дека „Твитер“ активно ги истражува информациите и профилите наведени во овој извештај.
Потемната страна на социјалните мрежи е тема за која и војводата и војвотката од Сасекс говореа јавно во минатото, при што Меган рече дека причината што ги избегнува Твитер и Инстаграм е за нејзиното сопствено самоодржување. Тие се одјавија од своите профили уште во март 2020 година, откако решија да ги напуштат своите должности како членови на кралското семејство.